Прелистувачот „Safari“ на „Apple“ има необичен проблем со автоматското пополнување на податоците од платежните картички, поради кој корисниците повремено наидуваат на тешкотии при онлајн-купување.
Функцијата „AutoFill“ во одредени случаи внесува погрешен месец на истекување на картичката, иако во поставките е зачуван точниот датум.
Како што пишува порталот „The Register“, корисниците предупредуваат на оваа грешка уште од 2017-та година. Наместо декември, „Safari“ понекогаш внесува ноември, односно го поместува месецот на истекување на картичката за еден месец наназад. Проблемот се појавува повремено, поради што е тешко сигурно да се репродуцира.
Особено е необично тоа што податоците во поставките на прелистувачот остануваат точни. Грешката се појавува дури кога „Safari“ автоматски го пополнува образецот за плаќање, што може да доведе до одбивање на трансакцијата.
Дали временските зони се причината?
Едно од можните објаснувања е неправилна обработка на датумот при промена на временската зона. Ако софтверот го третира датумот на истекување на картичката како конкретен момент во времето, наместо како комбинација од месец и година, преминувањето во друга временска зона би можело да го помести датумот во претходниот месец.
Сепак, засега станува збор само за претпоставка и не е потврдено дека токму тоа е причината за проблемот.
„Apple“ сè уште нема официјално реагирано на новите пријави, додека корисничката поддршка на компанијата на еден од засегнатите корисници му советувала да ја избрише кеш-меморијата на прелистувачот и повторно да ги внесе податоците од картичката.
Додека не се утврди причината за проблемот, на корисниците на „Safari“ им преостанува внимателно да го проверат датумот на истекување на картичката пред да го потврдат онлајн-плаќањето, дури и кога податоците се автоматски пополнети.