МАКЕДОНИЈА

Роботи, зелена енергија и одржливи домови: почнаа саемите ЕНЕРГО ТЕХНОМА и саемот на недвижности РЕАЛ ЕКСПО 2026

Денеска во Т Арена во Скопје официјално почнаа меѓународните саеми ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026 и РЕАЛ ЕКСПО 2026. Под мотото „Вклучи одржливи навики“, двата настана до 31 октомври обединуваат компании, институции, експерти, инвеститори и млади иноватори, со програма посветена на новите технологии, енергетиката, одржливиот развој и недвижностите.

Двата саема официјално ги отвори министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, во присуство на Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.

„Енергетската транзиција не е само промена на изворите на енергија, туку и модернизација на инфраструктурата, поголема ефикасност и примена на нови технологии. Наша цел е таа да биде праведна и одржлива, да ја зајакне конкурентноста на економијата и да создаде нови можности за домашните компании и за младите. Токму затоа ми претставува особено задоволство да го отворам Саемот за енергетика, технологија и иновации „ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026“ – настан кој ја обединува енергијата на знаењето, технологијата и иновативните идеи со потенцијал да создаваат нови можности за развој.“ изјави Божиновска.

Вистинска атракција на ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026 беа хуманоидните роботи од словенечката технолошка компанија Hiproject, кои им се обратија на присутните “Јас сум НЕО добредојдовте на ЕНЕРГО ТЕХНОМА и САЕМОТ ЗА НЕДВИЖНОСТИ Според програмата, треба да бидам краток. Одлично. Тогаш нема да ни треба дополнително полнење. Можеби изгледа како да доаѓаме од иднината. Но, денес сме тука за да ве поканиме заедно да ја создадеме. Иднина со почиста енергија, попаметни простори и технологија што им помага на луѓето. Затоа што зад секоја иновација стои човечка идеја. И ве прашувам: „Може ли подобро?“

Даниела Глигоровска, извршен директор на Скопски Саем, изјави дека на овие саеми посетителите ќе можат одблиску да се запознаат со најновите технологии во енергетиката и градежниптвото, со роботиката и да дознаат повеќе за примената во реални работни средини, вклучително во индустријата, логистиката, фармацевтската индустрија, здравството и туризмот.Покрај изложбениот дел, саемската програма опфаќа стручни презентации, панел-дискусии, промоции на производи и услуги, деловни средби и можности за вмрежување., додаде Глигоровска.

Важен дел од саемите се и панел дискусиите за трансформацијата на економијата. Во фокусот се можностите за модернизација на домашното производство преку вештачка интелигенција, роботизација и автоматизација, како и поврзувањето на технолошкиот развој со енергетската ефикасност и зелената транзиција.

На првиот панел „Енергетска ефикасност: од трошок до долгорочна инвестиција“, која се одржа на првиот саемски ден од 11:30 до 12:10 часот, учествуваа Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација; Горан Антевски, генерален директор на Раде Кончар ТЕП; проф. д-р Даме Димитровски, професор на Машинскиот факултет во Скопје и претседател на Советот на Град Скопје; и Богоја Китанчев, советник на Управниот одбор и Sustainability Manager во НЛБ Банка АД Скопје.

“Улогата на банките во зелената транзиција е многу поширока од самото кредитирање. Треба да им помогнеме на клиентите да ја разберат подобноста, да ја структуираат инвестицијата, да ги документираат очекуваните еколошки придобивки и да обезбедиме дека проектот ќе испорача мерливи резултати. Тоа е особено важно бидејќи зелените инвестиции често имаат повисоки почетни трошоци, но создаваат заштеди со текот на времето. Затоа се важни рокот на отплата, грејс-периодот, распоредот на отплата. Зелените пласмани на НЛБ Банка во најголем дел се од сопствени извори на средства и се со бенифицирни услови, што придонесува во насока на забрзување на зелената транзиција, а соработуваме и со меѓународните институции за да повлечеме нови кредитни линии со пониски каматни стапки. Во корпоративниот сегмент НЛБ Банка има пласирано над 78 милиони евра зелени кредити во земјава. Со нив се финансирани 140 MW капацитети од обновливи извори, 16 MW батерии како и проекти за енергетска ефикасност. Следниот клучен чекор е национална зелена таксономија, усогласена со ЕУ, но прилагодена на македонската економија. Така зеленото финансирање може да стане главен двигател на конкурентноста на нашите компании“— изјави Богоја Китанчев, Советник на Управниот одбор во НЛБ Банка.

“Сакам Скопје да биде град од 21 век, во кој ќе има ефикасен јавен транспорт, воспоставен зелен бран во сообраќајот, но и мерливи параметри за се она што не засега, бидејќи само така може да се подобруваме. Оваа година ќе имаме 500 помалку оџаци, бидејќи тие домаќинства имаат топлински пумпи, и нема веќе да загадуваат. Потребна е соработка на компаниите со институциите, и од тоа да имаме бенефит сите.“ изјави г. Димитровски.

На панел-дискусијата „Пазарот за недвижности: цени, инвестиции и нови модели на живеење“, која следуваше од 12:15 до 12:50 часот, учествуваа Ивица Јакимовски, генерален директор на Голден Арт – Скопје и претседател на Градежната комора при ССК; Д-р Драгана Чифлиганец, Извршен директор, Адора Бизнис Групација; Елена Лука, генерален директор на ELENA LUKA HOME; и проф. д-р Јосиф Јосифовски, декан на Градежниот факултет во Скопје при УКИМ. Модераторка на двата панела беше Наташа Стојановска, уредничка во ТВ Телма.

„Веќе 25 години посветуваме внимание на енергетско ефикасна изградба. Инвестираме во квалитетна изолација, инсталираме фотоволтаици на покривите на нашите објекти, за осветлување на објектите и нивната околина, со цел нашите клиенти на долг рок да имаат ефект и заштеди. Но ни фали национална стратегија за градежништво, и прецизни и комплетни детални урбанистички планови, истакна Драгана Д. Чифлиганец.

„Во Golden Art веруваме дека градежништвото не е само изградба на објекти, туку создавање простор за поквалитетен, посовремен и похуман живот. Тоа е нашата основна цел и амбиција која нè води во развојот на секој нов проект. Со голем оптимизам гледам кон иднината, особено кон можностите што ги отвораат новите технологии и вештачката интелигенција. Верувам дека тие ќе донесат значајни позитивни промени во начинот на кој живееме и работиме, но и во начинот на кој ги планираме и градиме нашите домови.“ истакна Ивица Јакимовски Основач на Golden Art.

Додека Елена Лука го истакна значењето за влијанието на објектите врз околината, и употребата на квалитетни материјали за градба.

ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026 и РЕАЛ ЕКСПО 2026 се отворени за посетителите од 10:30 до 18:30 часот во текот на сите три саемски дена. Двата саеми нудат можност на едно место да се проследат технолошки новитети, да се разгледаат понуди и проекти и да се воспостават деловни контакти во областите на индустријата, енергетиката, градежништвото и недвижностите.