Забрзаната инфлација во светската економија ќе се задржи и во текот на следната година, покажува истражувањето на „Reuters“ спроведено меѓу стотици економисти, кои изразуваат сè поголема загриженост дека ценовниот притисок ќе се зацврсти и надвор од растечките трошоци за енергија предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток.
Инвестициите во технологии за вештачка интелигенција ширум светот, кои од минатата година надминале еден билион долари, направиле дел од економиите поотпорни во период кога притисокот од растечките трошоци за живот ги оптоварува домаќинствата и ја обликува националната политика.
Повеќето централни банки ги зголемиле каматните стапки само неколку пати или воопшто не го сториле тоа, но можно е да следуваат нови зголемувања доколку инфлацискиот притисок се прошири и во други сектори на економијата. Глобалниот пад на пазарите на обврзници во последните месеци, исто така, ги заостри финансиските услови преку повисоките приноси.
Цените на суровата нафта, кои од 7-ми октомври се задржуваат над 100 долари за барел, минатата недела достигнаа шестмесечен максимум од над 117 долари за барел за сортата „Brent“. Од почетокот на војната на САД и Израел против Иран, тие се зголемиле за повеќе од 60 отсто.
Дури и аналитичарите кои не очекувале брзо завршување на војната сега изразуваат поголема загриженост за можноста од повторно забрзување на инфлацијата, особено поради отпорноста што ја покажува глобалниот економски раст.
Повеќе од 500 економисти анкетирани од „Reuters“ ширум светот овој месец ги зголемиле своите прогнози за инфлацијата во 2027-ма година за 31 од 50-те економии опфатени со истражувањето, како и прогнозите за економскиот раст кај 23 од нив.
– Повторно почнувам многу повеќе да се загрижувам за инфлацијата. Колку подолго се развива и ескалира ситуацијата на Блискиот Исток и колку посилен станува општиот притисок врз цените, толку е поголема веројатноста да се соочиме не само со повисока, туку и со поупорна инфлација – изјави Џенет Хенри, главна економистка за глобални прашања во „HSBC“.
Економистите ги зголемиле прогнозите за инфлацијата во 2027-ма година за 15 од 21 развиена економија опфатена со анкетата.
Тоа укажува дека стравувањата од инфлација се шират и ги зафаќаат и економиите кои вообичаено се соочуваат со низок ценовен притисок.
Генерално, средните прогнози за инфлацијата во 2027-ма година во последните три квартални истражувања се зголемиле за 0,7 процентни поени за Велика Британија, за 0,5 процентни поени за еврозоната и досега за 0,2 процентни поени за САД. Тие се зголемиле за 0,4 процентни поени за Индија и за 0,5 процентни поени за Бразил.
Последиците од растечките цени врз буџетите на домаќинствата заземаат централно место во политичките кампањи што се водат ширум светот. Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека гласачите пред меѓуизборите во САД на 3-ти ноември се загрижени за овие прашања, а кампањата за претседателските избори во Бразил, кои му донесоа на актуелниот претседател Луис Инасио Лула да Силва четврти мандат, исто така се водеше околу прашањата поврзани со растечките трошоци за живот.
За разлика од двете претходни истражувања, спроведени во април и јули, кои навестуваа сценарио на слаб економски раст и висока инфлација, најновите прогнози укажуваат на ситуација во која ценовниот притисок е проследен со посилни економски резултати.
Економистите ги зголемиле прогнозите за глобалниот економски раст и за оваа и за следната година – соодветно на 3 отсто и 3,2 отсто, во споредба со 2,9 отсто и 3,1 отсто во истражувањето од јули.
Сепак, прогнозата за 2027-ма година е пониска од стапката на раст од 3,4 отсто што ја предвидува Меѓународниот монетарен фонд.