Новиот извештај на компанијата „Kaspersky“ открива нагло зголемување на бројот на случаи на однапред инсталиран малициозен софтвер на уредите со оперативниот систем „Android“ во 2026-та година.
Бројот на уреди со „Android“ кои уште од фабрика излегуваат со однапред инсталиран малициозен софтвер е повеќе од двојно зголемен во периодот од ноември 2025-та до октомври 2026-та година, покажува најновиот извештај на „Kaspersky“.
Злонамерниот код се вградува директно во системскиот фирмвер или во фабричките апликации, со што не ги загрозува само паметните телефони и таблетите, туку и ТВ-бокс уредите, мултимедијалните системи во автомобилите, па дури и паметните часовници за деца.
До ваквите инфекции најчесто доаѓа поради компромитирање на синџирот на снабдување во текот на производството на хардверот и подготовката на софтверот. Експертите наведуваат три главни начини на кои малициозниот софтвер може да заврши во уредите: намерно вградување механизми за таен пристап („backdoor“) во евтини или фалсификувани модели, несвесно преземање заразен фирмвер од надворешни соработници, како и користење компромитиран софтвер со отворен код од страна на легитимни производители.
Во првите десет месеци од 2026-та година, дури 88 проценти од сите вакви инфекции биле предизвикани од две софистицирани семејства малициозен софтвер – „Triada“ и „Keenadu“.
„Triada“ ги користи привилегиите на системско ниво за да пресретнува СМС-пораки и телефонски повици, да краде лозинки и да вметнува злонамерен код во која било инсталирана апликација.
Од друга страна, „Keenadu“ е откриен на повеќе од 220.000 уреди. Специфично за овој малициозен софтвер е тоа што се активира дури околу два и пол месеца по првото поврзување на уредот со интернет. Потоа презема компоненти наменети за кражба на податоци или за генерирање лажни кликови на реклами.
Заканите не се ограничени само на телефоните. Злонамерниот софтвер „Dwphon“ е пронајден во паметни часовници за деца, додека „Vo1d“ и „BADBOX“ се откриени во уреди за стриминг со оперативниот систем „Android TV“.
Ваквиот малициозен софтвер речиси е невозможно да се отстрани со стандардно враќање на фабричките поставки, бидејќи е сместен длабоко во самиот систем.
Од компанијата „Kaspersky“ предупредуваат дека веќе не може да се претпоставува оти уредот е безбеден само затоа што е нов и штотуку изваден од кутијата.
И за обичните корисници и за компаниите сè поважни стануваат проактивната проверка на интегритетот на фирмверот и примената на безбедносни решенија што можат навреме да го изолираат компромитираниот хардвер, пред да дојде до кражба на податоци.