Електричниот хиперавтомобил „Yangwang U9 Xtreme“ достигна брзина од 503,17 километри на час во Абу Даби и стана првиот сериски автомобил што ја надминал границата од 500 км/ч.
Вака „BYD“ ги помести границите на електричните автомобили. Новиот резултат го надмина претходниот рекорд од 496,22 км/ч, што го постави истиот автомобил во Германија во септември 2025-та година.
Рекордното возење се одржа на 1-ви ноември на патот „Sheikh Khalifa Bin Zayed International Road“, во областа Ал Дафра во Абу Даби. Зад воланот повторно беше професионалниот возач Марк Басенг.
Само неколку дена пред обидот за поставување на рекордот, за време на тестирање во Кина се случи тешка несреќа, во која еден примерок на моделот „U9 Xtreme“ се преполови по удар во заштитната ограда. Задниот дел на автомобилот и оската се одвоиле, но возачот поминал без потешки повреди.
Успехот во Абу Даби му донесе на моделот „U9 Xtreme“ четири Гинисови светски рекорди, меѓу кои и за најбрз сериски автомобил и најбрз сериски електричен автомобил. Постигнувањето го призна и Меѓународната автомобилска федерација (FIA).
Надминувањето на границата од 500 км/ч со децении претставува еден од најголемите предизвици за автомобилската индустрија. „Yangwang“ успеа во тоа благодарение на комбинацијата од четири електромотори, напредна технологија на батериите и софистицирани системи за контрола на возилото.
Извршната потпретседателка на „BYD“, Стела Ли, го пофали инженерскиот тим што стои зад проектот, истакнувајќи дека развојот не запрел ниту по претходниот рекорд. Новиот резултат претставува важен чекор за амбициите на кинескиот производител во сегментот на електричните хиперавтомобили.