Не мора да имате хотел со три ката, базен и ресторан за да заработувате од туризам. Понекогаш доволни се парче земја на добра локација, неколку уредени места за шатори, чист тоалет, туш и малку претприемачки нерв. Кампувањето повторно станува интересно, особено за туристите кои патуваат со автомобили, мотори, велосипеди или кампери, а Македонија со планини, езера и рурални предели има што да понуди.
Сепак, камп не се отвора така што ќе искосите една ливада, ќе поставите табла покрај патот и ќе чекате странци.
Најважна е локацијата. Земјиштето треба да биде пристапно со автомобил, по можност да има вода и електрична енергија, а дополнителен плус е ако во близина има езеро, планинарска патека, национален парк, манастир, археолошки локалитет или друга туристичка атракција.
Познавaчите на туристичкиот сектор велат дека добар мал камп не мора да почне со голема инвестиција.
„За почеток може да се размислува за десетина места за шатори или неколку позиции за кампери. Туристот најмногу бара чистота, безбедност, вода, струја и место каде што може нормално да преноќи. Не мора сè да биде луксузно“, велат познавачи на туристичкиот бизнис.
Но, санитарните услови не се работа на која треба да се штеди. Тоалети, тушеви со топла вода, место за миење садови и редовно собирање отпад се практично основа на целата работа. Ако гостите добијат нечист санитарен јазол, тешко дека ќе помогне прекрасниот поглед кон планината.
Следниот чекор е да се провери што дозволува урбанистичката и туристичката регулатива за конкретното земјиште. Сопственикот треба да провери дали парцелата може да се користи за ваква дејност, кои дозволи се потребни и под кои услови може легално да прима гости.
Економистите советуваат инвестицијата да се прави постепено.
„Најголема грешка е човек веднаш да вложи голема сума без да знае дали има побарувачка. Подобро е да почне со помал број места, да види кој му доаѓа, колку остануваат гостите и што најмногу бараат, па потоа да го проширува капацитетот“, посочуваат економисти.
Дополнителната заработка често не доаѓа само од ноќевањето. Мал камп може да понуди појадок со домашни производи, кафе, ладни пијалаци, изнајмување велосипеди, организирани прошетки, локална храна или простор за скара. Ако кампот е во село, гостите може да се упатат и кон локални производители на мед, сирење, вино или други производи.
Токму тука е шансата за руралните средини.
Семејство кое има поголем двор, овоштарник или земјиште во близина на туристичка рута може да направи мал камп без да гради класичен хотелски објект. Неколку дрвени маси, сенка, добро осветлување, интернет и чист простор понекогаш значат повеќе од скапа декорација.
Секако, мора да се пресмета и сезоната. Камп покрај езеро најголемиот промет веројатно ќе го има во летните месеци, додека локација во близина на планинарски и велосипедски патеки може да работи и напролет и наесен.
Цената треба да биде јасна уште пред гостинот да влезе во дворот. Колку чини место за шатор, колку за кампер, дали струјата се доплаќа, дали тушот е вклучен во цената. Без ситни букви и изненадувања.
А потоа доаѓа интернетот.
Добри фотографии, точна локација на мапите, профили на туристички платформи и позитивни оценки од гостите може да донесат повеќе работа од скап билборд покрај пат.
Во овој бизнис добрата препорака брзо патува. Лошата уште побрзо.
Затоа, кампот може да почне со десет шатори, но мора да почне со чиста сметка, чист тоалет и јасна идеја кому му се продава услугата. Сè друго може да се доградува по пат.
Б.З.М.