МАКЕДОНИЈА

Македонците сè почесто живеат на кредит: Еве за што најмногу позајмуваат пари

Кога треба да се смени дограмата, да се среди бањата, да се купи мебел или едноставно да се покрие поголем трошок за кој нема доволно пари на сметката, многу граѓани прво погледнуваат кон банката. Потрошувачкиот, односно кеш кредитот, останува една од најкористените форми на задолжување во Македонија.

И бројките го покажуваат тоа. Во јули годинава потрошувачките кредити достигнале околу 152,7 милијарди денари, со раст од 12,1 отсто во споредба со истиот период лани. Тие остануваат најголемата поединечна кредитна категорија кај физичките лица.

Причината е едноставна. За разлика од станбениот кредит, каде што парите имаат точно определена намена, кај ненаменскиот потрошувачки кредит клиентот има многу поголема слобода. Парите може да завршат кај мајсторот, во продавница за мебел, за поправка на автомобил, за школување, лекување, патување или за некој неочекуван семеен трошок.

Податоците и банкарската практика покажуваат дека реновирањето на домот е една од почестите причини за задолжување. Во летните месеци, пак, се зголемува интересот и за кредити со кои се покриваат трошоци за одмор. Во банкарските понуди во Македонија како типични намени за потрошувачки кредит се наведуваат реновирање, нов мебел, образование, патување и медицински трошоци.

Некогаш не станува збор ни за голем проект. Се расипал автомобилот, треба нов фрижидер, стигнала поголема сметка или неколку трошоци се собрале во ист месец. И тука почнува математиката: колкава рата може да издржи домашниот буџет?

Економистите посочуваат дека задолжувањето на домаќинствата не треба да се гледа изолирано од нивните приходи и заштеди.

„Граѓаните едноставно штедат голем дел од средствата коишто ги имаат и најчесто кредитите кои ги земаат се наменски“, посочува економски аналитичар.

Според последните податоци, македонските домаќинства во јули имале кредити од околу 4,8 милијарди евра, но истовремено чувале повеќе од 7,5 милијарди евра во банките. Тоа покажува дека задолжувањето расте, но не значи дека граѓаните ги испразниле своите заштеди.

Познавачите на банкарскиот сектор предупредуваат дека најважно е да не се гледа само месечната рата. Кредит со пониска рата, но со многу подолг рок, на крај може да значи значително поголем вкупен износ што ќе ѝ биде вратен на банката.

Особено треба да се проверат каматата, рокот на отплата, административните трошоци, осигурувањето и вкупната стапка на трошоци. Кредит од неколку стотици илјади денари денес можеби изгледа подносливо, но ратата останува и следниот месец. И следната година.

Тоа, сепак, не го намалува интересот. Банкарската понуда станува сè поширока, а дел од банките веќе овозможуваат потрошувачки кредити од над два милиони денари и аплицирање преку мобилен телефон или целосно онлајн. Во текот на летото неколку банки нудеа кредити до 2,5 или 2,6 милиони денари, со рокови за отплата што може да достигнат и десет години.

Така кеш кредитот одамна не е само заем за „нешто ситно“. За едни е нова кујна. За други автомобил, одмор, лекување или школување. За трети, едноставно начин неколку големи трошоци да не удрат одеднаш по семејниот буџет.

Парите се добиваат брзо. Ратата, сепак, останува многу подолго.

Б.З.М.