Глобалниот недостиг на меморија би можел да продолжи сè до 2030-та година, предупредува јужнокорејскиот технолошки гигант „SK Hynix“, кој очекува побарувачката поттикната од развојот на вештачката интелигенција да продолжи да врши силен притисок врз пазарот.
Тоа би можело да значи уште неколку години високи цени на компјутерите, паметните телефони и другата потрошувачка електроника, а во одредени случаи и уреди со послаби технички карактеристики, доколку производителите се обидат да ги намалат трошоците.
Технолошкиот сектор веќе се соочува со растечка побарувачка за компоненти неопходни за развој и работа на системите за вештачка интелигенција. Големите центри за обработка на податоци и проектите поврзани со „AI“ трошат огромни количества меморија, што создава јаз меѓу понудата и побарувачката.
Во такви услови, компаниите што произведуваат мемориски чипови бележат голем раст.
„SK Hynix“, еден од водечките светски снабдувачи на меморија, заедно со „Samsung“ и „Micron“, соопшти дека силните финансиски резултати се резултат на зголемената побарувачка за „DDR5“ серверска „RAM“ меморија, испораките на „HBM4“ меморија и продажбата на нејзините „321-слојни TLC eSSD“ уреди.
Во своите финансиски резултати за третиот квартал од фискалната 2026-та година, јужнокорејската компанија пријавила исклучително силни резултати, со рекордни приходи, оперативна добивка и нето-добивка.
Но, она што е одлична вест за производителите на мемориски чипови и нивните акционери, не мора да биде добра вест за обичните купувачи.
Од „SK Hynix“ предупредуваат дека недостигот на меморија би можел да продолжи уште најмалку неколку години, додека се градат нови центри за обработка на податоци, се шири примената на вештачката интелигенција и компаниите продолжуваат масовно да инвестираат во оваа технологија.
Дополнителен притисок врз побарувачката се очекува и со развојот на таканаречената физичка вештачка интелигенција, односно системи како што се напредните роботи.
Сето тоа, според процените на компанијата, ќе продолжи да создава нерамнотежа меѓу понудата и побарувачката најмалку до 2030-та година, и покрај планираното зголемување на производствените капацитети.
Од „SK Hynix“, сепак, не појасниле дали по 2030-та година се очекува состојбата конечно да почне да се стабилизира.
Мрачната прогноза за купувачите доаѓа во период кога цените на бројни производи за широка потрошувачка веќе се под притисок.
И „Samsung“, вториот голем светски снабдувач со меморија, претходно предупреди дека недостигот би можел да продолжи најмалку до 2027-ма година, а можеби и подолго.
Најновите процени на „SK Hynix“ дополнително укажуваат дека пазарот на мемориски чипови би можел да остане под силен притисок уште со години. За купувачите, тоа најверојатно значи дека евтината електроника и големите количини „RAM“ меморија нема да се вратат така брзо како што би сакале.
Единственото нешто што би можело значително да ја промени оваа прогноза е нагло забавување на инвестициите и побарувачката поврзани со вештачката интелигенција, односно евентуално „пукање“ на сегашниот инвестициски бран во „AI“ технологиите.