МАКЕДОНИЈА

Левичарите со контра удар против капиталистите, не намалување на слободни денови, туку кратење на работните часови!

По идејата на бизнисмените да се намалат празниците, како би се работело повеќе денови, а компаниите би правеле повеќе профит, се огласија од Лецица. Нивниот предлог е да има шест часовен работен ден. Црквата но и властите веќе се изјаснија за против планот на стопанствениците.

На олигархијата веќе не ѝ се доволни најмизерните плати во Европа, евтината работна сила и државата која со години ги субвенционира профитите на крупниот капитал – сега ѝ пречат и неработните денови! Ова е реакцијата на Левица по предлогот на Стопанската комора да ги намали слободните денови на работниците.

Предлогот празникот што паѓа во недела повеќе да не се префрла во понеделник е само уште еден обид работничкото право да се претстави како трошок, а животот на човекот да се пресметува исклучиво низ часови производство и профит, велат од партијата. Тие сега бараат да се скрати работното време, односно наместо осум да се работат шест часа дневно.

„Ваквите желби на капиталот се особено опасни затоа што паѓаат на плодна почва кај ДПМНЕ – партија финансирана од олигархијата која зад секоја приказна за „подобра бизнис-клима“ гледа можност да му удоволи на крупниот капитал. Ако на олигархијата сега ѝ пречат празниците, утре ќе ѝ пречи викендот, задутре осумчасовното работно време. Нема „економска ефикасност“ во крадењето на слободното време на работникот – има само стара експлоатација со нов речник! Ова нема да ви помине!“, велат од Левица.

Оваа реакција на политичката партија Левица доаѓа откако Стопанската комора на Македонија предложи измени во законот за празници. Бизнисот смета дека со овој број на празници компаниите имале организациски и финансиски проблеми, а работниците често пати со спојување на деновите заминувале во соседните држави.

Од комората изјавија дека, а со нивното намалување ќе се дојде до рамките на европските практики. Со предлогот 11 државни празници остануваат додека од другите верски или денови на заедниците, работниците ќе можеле да изберат три кои ќе ги празнуваат.

Со своја реакција излегоа и од МПЦ-ОА кои застанува против иницијативата на Стопанската комора на Македонија за намалување на бројот на неработни денови. Од Црквата сметаат дека празниците и неработните денови за верниците не може да се мерат само низ економската призма, бидејќи зад нив стојат духовни, историски и општествени вредности.

„Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија смета дека таквиот пристап не ја согледува вистинската смисла и значењето на празниците за македонскиот народ. Празникот – како свештено време определено за споменување важни настани или личности од црковната историја, а со тоа и можност за оттргнување од секојдневните грижи, за приближување кон Бога и кон ближните – несомнено претставува живо сведоштво за верата, за духовното и културното предание, како и за вековната поврзаност на нашиот народ со Црквата. Затоа, нивното значење не може – а и не треба – да се сведува единствено на прашање на работна организација и економска продуктивност“, велат од МПЦ-ОА.

А со свое мислење излезе и премиерот Мицкоски, кој изјави дека е против кратење на празниците. Тој вели дека стекнатите права на работниците треба да се почитуваат и јавно кажа дека е против иницијативата на Стопанската комора за намалување на бројот на празници и неработни денови.

И.П