МАКЕДОНИЈА

Позитивна еко-енергија: Викендов исчистена околината на Водно и засадено ново зеленило

Со многу позитивна енергија, заедништво и желба да се придонесе за почиста животна средина, викендов на Средно Водно се одржа еко-акција за чистење на околината и садење ново зеленило. Еко-акцијата беше во организација на Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп (ФМТКП), во соработка со еколошкото движење „За почиста Македонија“ и со поддршка на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“.

Во големата акција се вклучија вработени во ФМТКП и нивните семејства, еко-активисти, љубители на планината, како и граѓани и случајни минувачи кои го избрале Водно за викенд-рекреација и спонтано се приклучија на иницијативата. Така, една заедничка идеја ги поврза луѓето од различни генерации и со различни мотиви, но со една иста желба – да придонесат за почиста и позелена околина.

Учесниците заеднички го чистеа просторот на Водно и засадија нови дрвца, испраќајќи едноставна, но важна порака: грижата за природата започнува со конкретни дела, а секој од нас може да биде дел од таа позитивна промена. Настанот беше и можност за дружење, размена на позитивна енергија и потсетување дека кога луѓето се обединуваат околу заедничка цел, дури и малите чекори можат да придонесат за поголема промена. За сите што се вклучија во акцијата беа обезбедени ракавици и ќеси за ѓубре, храна и освежување, а секој учесник на заминување доби и еколошки подарок.

-Оваа акција не ги обедини само нашите вработени и еко-активистите, туку и многу други граѓани кои едноставно имаа желба да придонесат за околината и заедничкото добро, што навистина нѐ радува. Токму таа спонтаност, заедништво и позитивна енергија ѝ даваат посебна вредност на оваа иницијатива. Како компанија веруваме дека зелената иднина се гради со конкретни чекори и со вклучување на заедницата, бидејќи сите заедно сме дел од неа – велат од ФМТКП.

Еколошкото движење „За почиста Македонија“, кое досега било дел од многу еко иницијативи што имаат цел да ја подигнат свеста кај граѓаните за почиста животна средина и еколошки животен стил, е многу задоволно од големиот одзив.

-Водно е место што ги поврзува луѓето и е дел од секојдневието на многу наши сограѓани и затоа особено ни е мило што на оваа акција се приклучија толку различни луѓе обединети од желбата да направат нешто добро за природата. Ваквите иницијативи покажуваат дека еколошката свест не постои само на хартија, туку се манифестира преку личен пример и заедничка одговорност. Секој собран отпад и секое засадено дрвце придонесуваат кон поголемата слика за почиста и позелена Македонија – велат од „За почиста Македонија“.

Акцијата на Водно е дел од поширокиот пристап на компанијата ФМТКП кон одржливоста и одговорното постапување со ресурсите и отпадот. Преку својата Циркуларна програма, оваа компанија во Македонија развива системи што им овозможуваат на полнолетните корисници одговорно да постапуваат со производите по нивната употреба. Така, преку програмата за искористени тутунски патрони, се овозможува нивно одделно собирање и враќање на предвидените продажни места, наместо фрлање во комуналниот отпад. За една година, на овој начин се собрани повеќе од 3,5 милиони искористени патрони, со вкупна тежина од над 2,5 тона. Пристапот ја опфаќа и грижата за електронскиот отпад, односно собирањето на искористени електронски уреди и нивното насочување кон специјализирани капацитети за рециклирање.

Поврзувајќи ги ваквите системски решенија со иницијативи за грижа за заедничкиот простор, „Филип Морис“ ја истакнува важноста на секојдневните одговорни навики, но и на заедничкото дејствување. Компанијата најавува дека и во иднина ќе продолжи да поддржува и реализира активности кои ја поттикнуваат грижата за животната средина, со цел пораката за почиста и позелена иднина да се претвори во практика.