„Audi“ го заврши производството на актуелната генерација на моделот „A8“, со што се затвора едно значајно поглавје во историјата на германскиот производител.
Последниот примерок излезе од производната лента во средината на октомври, објави германското списание „Auto Motor und Sport“.
Со тоа заврши производството кое траеше од 1994 година во фабриката во Некарсулм. Производствените капацитети што претходно беа наменети за „A8“ сега ќе се користат за зголемување на производството на моделите „A5“ и „A6“.
Дали ова е последното збогување?
Иднината на луксузната лимузина веќе подолго време беше неизвесна. Продажбата на големите седани опаѓа со години, додека купувачите сè почесто избираат луксузни теренски возила (SUV). „Audi“ уште во март 2026-та година престана да прима нарачки за „A8“ во Германија. Иако автомобилот продолжи да се продава во САД, неговиот крај стануваше сè поизвесен.
„A8“ го наследи моделот „V8“ и имаше важна улога во докажувањето на технолошките можности на „Audi“. Повеќе од три децении им конкурираше на некои од најпознатите луксузни лимузини, меѓу кои „Mercedes-Benz S-Class“, „BMW Series 7“ и „Lexus LS“.
Сепак, ова можеби не е дефинитивно збогување со моделот „A8“. Одредени извештаи укажуваат на можност за негово враќање околу 2030-та година, со потенцијално преместување на производството во Лајпциг и користење на платформата на следната генерација на „Porsche Panamera“.
Таквата соработка би се вклопила во стратегијата на групацијата „Volkswagen“ за намалување на трошоците и заедничко користење на техничките платформи.
Можно партнерство со Кинезите
Покрај ова, постои и друга можност. Според германскиот „Manager Magazin“, „Audi“ размислува за соработка со компанијата „Huawei“ во развојот на идниот модел „A8“, кој би се произведувал во Кина.
Ваквиот потег би имал смисла поради сè уште големата побарувачка за луксузни лимузини на кинескиот пазар, но засега нема официјална потврда.
Судбината на „A8“ ја одразува пошироката промена во автомобилската индустрија. Големите луксузни лимузини станаа пазарна ниша, а сè помалку производители се подготвени да инвестираат во нивниот развој.
Додека „Mercedes“ ја унапредува „S-Class“, а „BMW“ ја развива „Series 7“, „Audi“ засега одлучи да се збогува со својот некогашен предводник во понудата.