Кога ќе пристигне повисока сметка за струја, првото сомневање најчесто паѓа врз бојлерот, клима-уредот или електричната печка. Но, во многу македонски домаќинства има уште еден голем потрошувач на кој ретко кој помислува. Тоа е машината за сушење алишта, особено ако не се одржува редовно. Наместо да заврши со сушењето за предвиденото време, таа може да работи со часови, трошејќи струја без потреба.
Според познавачите на електричните апарати, машините за сушење алишта, бојлерите и термоакумулационите печки се меѓу поголемите потрошувачи на електрична енергија во домаќинствата. Колку ќе потрошат зависи од нивната старост, исправност, изолација и начинот на користење. Кај домаќинствата што се греат на струја, токму греењето може да има најголем удел во месечната сметка.
Особено проблематични се машините за сушење алишта кај кои со месеци не се чистени филтрите и каналите за воздух. Влакната што се одвојуваат од облеката постепено се таложат, го отежнуваат протокот на воздух и го продолжуваат времето потребно за сушење.
„Кога каналите ќе се затнат со насобрани влакна, машината постојано се обидува да ги исуши алиштата. Сензорите покажуваат дека има влага, па програмата продолжува да работи. Така сушењето може да трае и повеќе од пет часа“, објаснува електричар во стручна анализа за потрошувачката на домашните апарати.
Затоа се препорачува редовно чистење на филтрите, а кај моделите што го бараат тоа и сервисирање на каналите и другите делови од системот за сушење. Не станува збор само за заштеда на струја, туку и за безбедност, бидејќи насобраните влакна можат да претставуваат опасност од пожар.
Голем потрошувач е и бојлерот, кој во многу македонски домови се користи секојдневно. Неговата потрошувачка зависи од капацитетот, грејачот, температурата на водата и топлинската изолација.
Кај постарите бојлери проблем може да биде наталожениот бигор, особено во средини со потврда вода. Бигорот може да го наруши преносот на топлина и да ја намали ефикасноста на уредот.
„Не е секогаш проблемот во грејачот. Ако бојлерот има слаба изолација, водата побрзо се лади, па термостатот почесто го вклучува греењето. Тоа значи дополнителна потрошувачка“, се наведува во стручните објаснувања за работата на овие уреди.
Честа дилема е дали бојлерот треба постојано да биде вклучен или да се вклучува само по потреба. Одговорот зависи од навиките на домаќинството. Добро изолиран бојлер има помали топлински загуби, но неговото исклучување во подолги периоди кога не се користи може да заштеди електрична енергија. Сепак, температурата на водата не треба произволно да се намалува под безбедните препораки поради ризикот од развој на бактерии.
На списокот на големи потрошувачи се и термоакумулационите печки. Кај нив, како што објаснуваат електричарите, големо значење има изолацијата.
„Ако изолацијата е оштетена, печката побрзо ја губи акумулираната топлина. Тогаш е потребно дополнително загревање за да се одржи температурата во просторијата“, посочуваат познавачите.
Слична е состојбата и со клима-уредите. Старите модели, валканите филтри и лошо изолираните простории можат да ја зголемат потрошувачката, особено во зимските месеци.
Енергетските анализи покажуваат дека машините за перење и сушење алишта, машините за садови, фрижидерите и замрзнувачите имаат значителен удел во домашната потрошувачка. Особено многу енергија бараат уредите што загреваат вода или воздух, како и оние што работат непрекинато.
Во Македонија дополнителна заштеда може да се постигне со користење на поевтината тарифа. Сепак, електричарите предупредуваат дека евтината тарифа не може да ја надомести потрошувачката на неисправен или запуштен апарат.
Машина што суши алишта пет часа наместо два, бојлер што непотребно губи топлина или печка со оштетена изолација можат да направат сериозна разлика на месечната сметка.
Б.З.М.