ЗДРАВЈЕ

Калинка или грејпфрут: Кое овошје содржи повеќе антиоксиданси?

Калинката и грејпрутот се познати по високата содржина на антиоксиданси, но кое од овие две овошја е подобро за здравјето?

И двете се добар избор бидејќи содржат бројни корисни материи, но се разликуваат според составот и здравствените придобивки, пишува „Health“.

Кое овошје содржи повеќе антиоксиданси?

Според некои лабораториски мерења, грејпфрутот има поголем антиоксидативен капацитет од нарот. Истражување од 2021-ва година наведува дека вредноста на „ORAC“ кај грејпфрутот изнесува 13.805, додека кај калинката е 9.046. „ORAC“ е лабораториски метод со кој се мери способноста на одредени супстанции да ги неутрализираат слободните радикали.

Сепак, овие резултати не значат нужно дека грејпфрутот има посилно антиоксидативно дејство во човечкиот организам. Вредностите добиени со лабораториски тестови не покажуваат секогаш како дејствуваат антиоксидансите откако ќе ги внесеме преку храната.

Од друга страна, калинката би можела да биде подобар извор на полифеноли – растителни соединенија со антиоксидативни својства. Таа содржи и соединенија како пуникалагините, кои припаѓаат на групата елагитанини и би можеле поволно да влијаат врз здравјето.

Засега нема доволно директни споредбени истражувања што би покажале кое од овие две овошја има поголема вкупна антиоксидативна вредност за човечкиот организам. Бидејќи и двете содржат корисни хранливи материи, најдобро е да бидат дел од разновидна и урамнотежена исхрана.

Здравствени придобивки од калинката

Калинката е позната по високата содржина на антиоксиданси. Нејзините сочни зрна се богати со растителни соединенија, меѓу кои полифеноли, флавоноиди, антоцијанини и елагитанини. Многу од овие соединенија имаат антиоксидативни и противвоспалителни својства.

Истражувањата покажуваат дека консумирањето сок од калинка може да помогне во намалувањето на показателите на оксидативен стрес, како што е малондиалдехидот (MDA), и да го зголеми антиоксидативниот капацитет на крвта. Оксидативниот стрес настанува кога во организмот постои нерамнотежа меѓу слободните радикали и супстанциите што ги неутрализираат.

Калинката содржи и витамин Ц, кој е важен за нормалното функционирање на имунолошкиот систем, здравјето на крвните садови и создавањето колаген. Една шолја зрна од калинка обезбедува околу 20 проценти од препорачаниот дневен внес на витамин Ц.

Освен тоа, истата количина обезбедува речиси една четвртина од препорачаниот дневен внес на растителни влакна. Тие се важни за здравјето на дигестивниот систем бидејќи ги хранат корисните цревни бактерии, придонесуваат за редовно празнење на цревата и помагаат во спречувањето на запекот.

Здравствени придобивки од грејпфрутот и важно предупредување

Грејпфрутот, исто така, е богат со антиоксиданси, а особено се издвојува по високата содржина на витамин Ц. Една шолја грејпфрут може да обезбеди голем дел од препорачаниот дневен внес на овој витамин, кој помага во заштитата на клетките од оксидативен стрес.

Освен витамин Ц, грејпфрутот содржи флавоноиди, како нарингин и нарингенин, како и каротеноиди – растителни пигменти со антиоксидативни својства. Овие соединенија можат да помогнат во заштитата на клетките од оштетувања предизвикани од слободните радикали.

Истражувањата покажуваат дека консумирањето сок од грејпфрут може да го зголеми нивото на витамин Ц и на одредени растителни соединенија во крвта, како и да го подобри нејзиниот антиоксидативен капацитет. Некои истражувања, исто така, ја поврзуваат редовната консумација на агруми со помал ризик од одредени заболувања, вклучително и срцеви заболувања и рак на желудникот. Сепак, ваквите резултати не докажуваат дека само консумирањето грејпфрут може да го спречи развојот на овие заболувања.

Важно е да се знае и дека грејпфрутот може да влијае врз дејството на одредени лекови, вклучително и некои статини за намалување на холестеролот и лекови за регулирање на крвниот притисок. Кај одредени лекови, грејпфрутот може да ја зголеми нивната концентрација во крвта, а со тоа и ризикот од несакани ефекти.

Затоа, лицата што земаат лекови треба да се консултираат со лекар или фармацевт за да проверат дали смеат да консумираат грејпфрут или да пијат сок од ова овошје. Кај некои лекови, грејпфрутот мора целосно да се избегнува.