МАКЕДОНИЈА

Возачите ќе мора да пријават промена на телефонскиот број во рок од три дена, во спротивно казна од 100 евра

Сопствениците на автомобили во Македонија би можеле да добијат нова законска обврска за редовно ажурирање на своите контакт-податоци. Предложените измени на Законот за возила предвидуваат при промена на мобилниот телефонски број или електронската адреса, сопствениците да ги пријават новите податоци во рок од три дена. За непочитување на оваа обврска е предвидена глоба од 100 евра во денарска противвредност.

Промената на мобилниот телефонски број, која досега за многумина претставуваше едноставна приватна одлука, во иднина би можела да биде поврзана и со законска обврска за сопствениците на возила.

Новите контакт-податоци ќе треба да се пријавуваат во овластено правно лице за вршење технички преглед, со цел институциите да располагаат со ажурирани информации за сопствениците на возилата.

Предложената обврска е дел од пошироките законски измени со кои се предвидува дигитализација на евиденцијата и контролата на возилата во Македонија.

Поврзано: Нови измени на Законот за возила: Електронска контрола на регистрацијата, осигурувањето и техничката исправност

Обврската се однесува и на електронската пошта

Покрај мобилниот телефонски број, сопствениците имаат обврска да ја ажурираат и адресата на електронската пошта доколку ја променат.

Тоа значи дека граѓаните не треба да го чекаат следниот редовен технички преглед или годишната регистрација на автомобилот за да ги ажурираат податоците.

Законскиот рок е најмногу три дена од настанатата промена.

Зошто се важни телефонскиот број и електронската адреса?

Со дигитализацијата на сообраќајните контроли, контакт-податоците на сопствениците добиваат сè поголемо значење.

Тие се особено важни за доставување електронски известувања за сообраќајни прекршоци регистрирани преку системите за автоматска контрола на сообраќајот.

Обврската се однесува на сопственикот на возилото, без разлика дали тој лично го управува автомобилот или возилото го користи друг член на семејството.

За компаниите казните достигнуваат до 10.000 евра

Законските одредби предвидуваат значително повисоки казни за правните лица што нема навремено да ги ажурираат контакт-податоците за возилата во нивна сопственост.

Во зависност од големината на компанијата, глобите изнесуваат:

  • Од 50 до 1.000 евра за микротрговци;
  • Од 50 до 2.000 евра за мали трговци;
  • Од 250 до 6.000 евра за средни трговци;
  • Од 250 до 10.000 евра за големи трговци.

Дополнително, за одговорното лице во компанијата е предвидена глоба од 500 евра.

Ова е особено значајно за компаниите што располагаат со поголем возен парк, лизинг-компаниите, rent-a-car агенциите и транспортните претпријатија.

Досие за секој автомобил

Со последните предложени законски измени се предвидува и проширување на електронската евиденција за возилата, која ќе опфаќа податоци за километражата, техничката исправност, осигурувањето, сопственоста и еколошките карактеристики.

Прочитајте и: Купувачите на половни автомобили плаќаат многу поскапо поради вратената километража

Со дигитализацијата, поседувањето автомобил повеќе не подразбира само редовна регистрација, осигурување и технички преглед, туку и навремено ажурирање на личните контакт-податоци.

Б.С.