СВЕТ

Глобалниот данок за корпорациите може да го финансира следниот буџет на ЕУ

Европската комисија (ЕК) ја разгледува можноста приходите од меѓународниот даночен договор, кој се однесува на мултинационалните компании, да бидат искористени за финансирање на следниот седумгодишен буџет на Европската Унија. Ова го дознава „Politico“ од четворица дипломати на ЕУ запознаени со текот на разговорите.

Оваа идеја би можела да помогне во постигнувањето договор за воведување нови даноци на ниво на ЕУ, познати како „сопствени ресурси“. Токму ова прашање се претвори во една од главните пречки во тековните преговори за буџетот, наведува медиумот.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ги повикува земјите членки да ги одобрат новите даноци со цел да се намалат националните придонеси во буџетот на Унијата. Според последниот предлог, претставен претходно овој месец, буџетот изнесува 1,82 билиони евра.

Кошта, кој посредува во буџетските преговори, врши притисок врз лидерите да постигнат меѓусебен договор до крајот на годината, пред изборите во Полска, Франција и Италија да создадат ризик од неуспех на преговорите.

И покрај повеќе од една година преговори и усогласувања, владите на земјите членки сè уште не можат да постигнат согласност за петте предложени нови даноци, за кои Европската комисија проценува дека би можеле да носат 65 милијарди евра годишно.

Меѓу разгледуваните опции е и корпоративниот данок познат како „CORE“, со кој би се оданочувале приходите на компаниите што надминуваат 100 милиони евра. Оваа опција се наметнува како најнепопуларна, особено во Германија, каде што наидува на силен отпор.

За да се надмине застојот, францускиот претседател Емануел Макрон на октомврискиот самит на ЕУ ја поддржал идејата дел од приходите од данокот на мултинационалните компании да се пренасочат во буџетот на Унијата, велат двајца дипломати кои разговарале со „Politico“.

Поддржувачите на оваа идеја сметаат дека таа би можела да добие поширока политичка поддршка отколку предлогот „CORE“, бидејќи се однесува на профитот на компаниите, а не на нивните приходи.

„Корпоративниот данок на добивка подразбира оданочување на компаниите врз основа на нивната профитабилност. Кај CORE не станува збор за тоа. CORE претставува наметнување такса без оглед на резултатите“, коментира Паскал Сен-Аман, поранешен функционер на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и еден од архитектите на глобалниот даночен договор.

Даночниот договор

Според даночниот договор на ОЕЦД од 2021-ва година, земјите од ЕУ се обврзани да воведат минимален корпоративен данок од 15 проценти за големите мултинационални компании чиј годишен промет надминува 750 милиони евра.

Контроверзно е тоа што САД обезбедија исклучок од правилата, откако воведоа национална даночна регулатива која беше оценета како еквивалентна на рамката на ОЕЦД.

Крајната цел на договорот е да се спречи државите да се натпреваруваат меѓу себе со нудење сè пониски стапки на корпоративен данок, со цел да привлечат големи мултинационални компании.

Историски гледано, многу странски мултинационални компании што работат низ Европската Унија, меѓу кои и „Apple“ и „Google“, ги отворија своите седишта во Ирска поради ниските даноци и поповолната регулатива во таа земја.

За да се спречи оваа практика, договорот на ОЕЦД ги обврзува државите што применуваат даночни стапки пониски од 15 проценти да воведуваат таканаречен дополнителен данок („top-up tax“) за големите странски компании. Засега, приходите од овој данок ги собираат националните влади.

Дипломатите, сепак, посочуваат дека европските престолнини би можеле дел од овие приходи да ги пренасочат во буџетот на Унијата.

Тоа би можело да ги засегне земјите како Ирска и Холандија, кои применуваат ниски корпоративни даночни стапки и собираат значителни суми од дополнителниот данок.

Според „Bloomberg“, само холандската влада во 2026-та година собрала 449 милиони евра приходи поврзани со глобалниот минимален корпоративен данок.

Сен-Аман ја брани идејата за овој потенцијален нов „сопствен ресурс“ на ЕУ со аргументот дека, иако активностите на мултинационалните компании формално се одвиваат во Ирска, нивното работење всушност е насочено кон управување со пазарите низ Европската Унија.

Тимот на Кошта и Европската комисија ја разгледуваат оваа можност пред почетокот на билатералните разговори со земјите членки, кои треба да започнат следната недела.

Кошта ќе ги испита ставовите на владите пред да предложи нови буџетски параметри и даноци на ниво на ЕУ, во пресрет на самитот на европските лидери закажан за 26-ти и 27-ми ноември.