СВЕТ

Европа годишно губи речиси 60 милијарди евра поради даночните раеви

Големите меѓународни компании секоја година ја префрлаат добивката во држави и територии со ниски даноци, со што земјите од Европската Унија губат речиси 60 милијарди евра даночни приходи.

Најголеми загуби бележат Франција и Германија, но милијарди евра губат и Шпанија, Полска, Белгија, Италија и други европски економии, покажуваат податоците на организацијата „Tax Justice Network“, објави „Euronews“.

Според анализата, околу осум милијарди евра од вкупната загуба на ЕУ се поврзани со Обединетото Кралство и мрежата на неговите прекуморски територии и крунски имоти. Тоа претставува 13,6 отсто од загубените даночни приходи на земјите членки. Истовремено, Обединетото Кралство и поврзаните јурисдикции се одговорни за повеќе од 30 отсто од глобалниот ризик од злоупотреба на данокот на добивка.

Франција и Германија губат најмногу

Анализата на „Tax Justice Network“, објавена на 5-ти ноември и заснована на податоци за 2022-ра година, покажува дека Франција годишно губи 13,1 милијарда евра поради пренасочувањето на добивката на мултинационалните компании. Германија е на второто место со 11,8 милијарди евра. Двете најголеми европски економии заедно сочинуваат 42 отсто од вкупните загуби на Европската Унија.

Милијарди евра губат и други земји. Проценетите загуби во Шпанија изнесуваат 4,8 милијарди евра, во Полска 4,7 милијарди, а во Белгија 4,1 милијарда евра. Следуваат Италија со 3,6 милијарди, Холандија со 3,5 милијарди и Луксембург со 3,2 милијарди евра.

Ирска годишно губи 2,2 милијарди евра, Шведска 1,6 милијарди, а Австрија 1,1 милијарда евра. Во останатите земји членки на ЕУ проценетите загуби се помали од една милијарда евра годишно.

Овие бројки ги покажуваат апсолутните износи на изгубени даночни приходи, а не нивниот удел во економијата или во вкупните даночни приходи на секоја земја.

Како компаниите ја префрлаат добивката?

Пренасочувањето на добивката е практика преку која мултинационалните компании ја пријавуваат заработката во земји со пониски даночни стапки, наместо во државите во кои навистина ја остваруваат својата деловна активност.

Тоа често го прават преку трансакции меѓу сопствените поврзани компании – на пример, со наплата на камати, лиценци или други услуги. На тој начин ја намалуваат пријавената добивка во земјите со повисоки даноци, а поголем дел од заработката го префрлаат во јурисдикции каде што даночниот товар е помал.

Според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕСР), повеќето вакви постапки не се незаконски, но ја нарушуваат правичноста на даночните системи. Се проценува дека државите во светот поради нив годишно губат меѓу 89 и 214 милијарди евра, што одговара на четири до 10 отсто од вкупните светски приходи од данокот на добивка.

Британската мрежа на даночни раеви ја чини Европа осум милијарди евра

„Tax Justice Network“ за првпат пресметала колку поединечни земји членки на ЕУ губат поради пренасочувањето на добивката поврзано со британската мрежа на даночни раеви. Вкупната загуба е проценета на приближно осум милијарди евра годишно.

Најголем дел од овие загуби повторно отпаѓаат на Франција – 2,8 милијарди евра, што претставува 21,3 отсто од нејзините вкупни загуби поради пренасочувањето на добивката. Германија на истиот начин губи 1,4 милијарди евра, односно 11,9 отсто.

Проценетите загуби поврзани со британската мрежа изнесуваат 570 милиони евра за Луксембург, 475 милиони за Шпанија, по 438 милиони за Полска и Италија и 415 милиони евра за Белгија.

Индексот на корпоративни даночни раеви покажува како одделни држави и територии, преку своите прописи и финансиски активности, им овозможуваат на компаниите да ги намалат даночните обврски во други земји. На врвот на листата се Британските Девствени Острови, Кајманските Острови и Бермудите, додека Џерси е на осмото место.

Меѓу првите 20 се наоѓаат и Гернзи и Островот Ман, а самото Обединето Кралство е на 19 место. Заедно, Обединетото Кралство и шесте поврзани поседи сочинуваат 31 отсто од глобалниот ризик од злоупотреба на данокот на добивка. Со вклучувањето на Гибралтар, Ангвила, Островите Туркс и Каикос и Монсерат, уделот се зголемува на 33,3 отсто.

Даночните злоупотреби ја чинат светската економија стотици милијарди евра

Загубите на европските земји се само дел од поширокиот глобален проблем. Обединетото Кралство, на пример, и самото губи 14,7 милијарди евра годишно поради пренасочувањето на добивката на мултинационалните компании во даночни раеви низ светот. Ова е просекот за периодот од 2018-та до 2022-ра година.

„Индексот на корпоративни даночни раеви и понатаму покажува дека Обединетото Кралство има преголема улога во глобалниот ризик од даночни злоупотреби. Велика Британија и ЕУ најмногу би профитирале од промените што ги носи даночната конвенција на ОН, но и понатаму ѝ се спротивставуваат“, изјави Моран Харари, раководителка на индексот во „Tax Justice Network“.

Таа оцени дека државите се држат до, како што ја нарече, дискредитирана и ненаучна идеја за „даночна конкуренција“, предупредувајќи дека таквиот пристап води кон постојано намалување на даночните обврски, без вистински победници.

Организацијата предупредува дека, и покрај долгогодишните меѓународни напори преку ОЕСР, многу земји и понатаму не бараат од компаниите да ги објавуваат основните податоци што им се потребни на даночните управи за откривање злоупотреби.

Според извештајот „State of Tax Justice 2024“, светот годишно губи приближно 416 милијарди евра поради даночни злоупотреби. Во оваа сума се вклучени пренасочувањето на добивката на меѓународните компании и затајувањето данок од страна на богатите поединци преку непријавен имот во странство. На компаниите отпаѓаат околу 71 отсто од вкупните проценети загуби.