МАКЕДОНИЈА

Долгата коса носи пари – девојки си ја продаваат косата, фризерите ја претвораат во добар бизнис

Долга, густа и природна коса што никогаш не била фарбана може да вреди стотици евра. Она што за една жена е само промена на фризурата, за друга е можност да добие квалитетна надградба, а за фризерските салони добра заработка.

Купопродажбата на природна коса во Македонија се одвива преку огласи, приватни договори и посредници, а цената не ја одредува само должината. Се гледа секое влакно, од коренот до врвовите.

На интернет можат да се најдат понуди за продажба на природни плетенки долги 45 сантиметри, како и надградби од вистинска коса што чинат од 5.000 до 14.000 денари. Дел од продавачите воопшто не наведуваат цена, туку оставаат простор за договарање со заинтересираните купувачи.

Најголем интерес има за долга, здрава и густа коса, особено ако не е хемиски третирана. Фарбаната коса, косата со оштетени врвови или онаа што често била исправувана со силни препарати обично добива пониска проценка.

„Колку сантиметри е? Фарбана ли е? Колку тежи плетенката?“

Ова се трите најважни прашања при проценката на косата. Не е исто да се понудат 50 сантиметри тенка коса и исто толку густа плетенка со здрави врвови.

Колку пари може да се заработат?

Македонскиот пазар нема јавно достапен единствен ценовник за откуп на природна коса. Затоа, заинтересираните најчесто мораат да побараат индивидуална понуда.

За споредба, актуелните ценовници на европските откупувачи покажуваат дека за 100 грама природна коса долга од 45 до 60 сантиметри се нудат приближно 40 до 190 евра. За должина од 60 до 80 сантиметри, проценките достигнуваат од 65 до 295 евра за 100 грама.

Токму затоа, жена што сака да продаде долга коса не може однапред да знае дали ќе добие 50, 100 или повеќе од 200 евра. Покрај должината, важни се тежината, природната боја, густината и состојбата на влакното.

Особено се ценат плетенките што никогаш не биле фарбани. Има интерес и за природни светли нијанси, кои потешко се наоѓаат во доволни количества.

Фризерите имаат своја математика

За салоните што работат со надградба на коса, суровата плетенка е само почеток на процесот. Следуваат сортирање, подготовка, обработка и поставување на косата кај клиентката.

Европските добавувачи продаваат обработена природна коса по цени што достигнуваат околу три евра за грам за должина од 50 сантиметри, додека подолгите прамени се поскапи. Кај набавките на поголеми количества има попусти.

Економската пресметка е едноставна. Колку е поквалитетна набавената коса и колку е подобро подготвена за надградба, толку повисока може да биде продажната цена. Но, разликата меѓу набавната и продажната цена не е чиста добивка. Во неа влегуваат материјали, работна рака, обработка и други трошоци.

Најдобра заработка може да се постигне кога салонот директно ја откупува косата, ја подготвува и потоа ја поставува кај клиентка, без дополнителни посредници.

Прво договорете цена, па седнете на фризерското столче

Продажбата на коса бара внимателност, особено кога купувачот и продавачот не се познаваат.

Должината треба да се измери пред потстрижувањето, а цената да биде договорена однапред. Важно е да се разјасни дали се плаќа за целата плетенка или според нејзината тежина.

„Прво да ја скратиме, па ќе видиме колку вреди“ не е понуда на која треба да се согласува продавачот без претходен договор.

Дополнителен проблем може да настане кога косата ќе биде исечена, а купувачот потоа ќе понуди значително помала сума од очекуваната. Тогаш враќање назад нема.

Познавачите на трговијата со природна коса посочуваат дека најважни се проверката на квалитетот и јасните услови за исплата. Во некои случаи, купувачите бараат фотографии од косата пред воопшто да дадат проценка.

За оние што со години ја пуштале косата, одлуката за кратење не е секогаш лесна. Но, ако веќе решиле да ја сменат фризурата, можат барем да проверат колку вреди плетенката пред таа да заврши на подот од фризерскиот салон.

Б.З.М.