Боровинката сè почесто им влегува во пресметките на македонските земјоделци кои бараат култура што може да се одгледува и на помала површина, а сепак да донесе солиден приход. Не е евтино да се почне и не се заработува преку ноќ, но кога насадот ќе влезе во полн род, математиката станува многу поинтересна.
Во Македонија веќе има насади со боровинка, а свеж домашен плод во текот на сезоната се продава и по 400 до 450 денари за килограм. Во зависност од квалитетот, начинот на пакување и тоа дали производителот продава директно или преку откупувач, цената може значително да се разликува. Во август годинава свежа боровинка произведена на Кожуф се нудеше по 450 денари за килограм, односно по 400 денари за поголеми количини.
Токму тука е и главната сметка. Боровинката е производ кој во Македонија сè уште не се произведува во количини како јаболката, грозјето или пиперките, а интересот на купувачите постои.
Познавачите на производството велат дека еден декар насад може да бара почетно вложување од околу 2.500 до 4.000 евра, зависно од садниците, системот за наводнување, подготовката, супстратот и начинот на одгледување. Првите две години не треба да се очекува сериозна заработка. Во третата година приносот може да стигне до 300 до 500 килограми од декар, а по петтата и шестата година, кога насадот ќе влезе во полн род, приносите можат да се движат околу 1.500, па и до 2.000 килограми.
Со други зборови, треба трпение.
„Не треба некој да влезе во производство со идеја дека ќе засади денес и следното лето ќе ги врати парите. Боровинката е инвестиција која почнува сериозно да враќа кога растението ќе зајакне и ќе влезе во полн род“, објаснуваат познавачи на овоштарското производство.
Предност е што постојат начини боровинката да се одгледува и во саксии или вреќи со соодветен супстрат. Тоа го намалува проблемот со земјиштето, бидејќи ова растение бара кисела средина и не успева добро на секоја почва.
Еден производител од Струшко, кој претходно се префрлил на овој начин на производство, посочува дека пласманот му бил полесен отколку кај некои други бобинки.
„Она што го видовме е дека многу полесно се продаваат отколку аронијата. Бидејќи се дефицитарни, немаме проблем со пласманот и со постигнување добра продажна цена“, вели производителот.
Сепак, боровинката не е култура што може само да се засади и да се заборави. Потребна е сигурна вода, правилно наводнување, соодветна киселост на супстратот, прихрана и редовна контрола на растението. Бербата, исто така, бара работна рака, особено ако станува збор за поголема површина.
Економистите велат дека најголемата разлика во заработката ја прави начинот на продажба.
„Ако производителот продава директно на крајниот купувач, преку нарачки, локални продавници или ресторани, маржата е неспоредливо поголема отколку кога целото производство го предава на откуп. Но, тогаш земјоделецот мора да се занимава и со пакување, транспорт и продажба“, посочуваат економисти.
И државната програма ја препознава боровинката како овошна култура. За одржување постоечки насади поддршката изнесува 12.000 денари по хектар, а во прописите за подигање насади како прифатлив минимум се предвидуваат повеќе од 2.200 садници по хектар.
Затоа боровинката може да биде интересна и за земјоделец кој нема десетици хектари земја. Еден декар, добро поставен систем и однапред испланиран купувач може да бидат почеток.
Но, прво пазарот, па садниците. Бидејќи родот е една работа, а да го продадеш по добра цена е сосема друга.
Б.З.М.