По мало одложување поради временските прилики на 1 јули во летна Хавана се одржа четвртиот по ред Sound of Green во организација на Пакомак.
Атмосферата ја загреа ДЈ Ивана Низам, а кулминацијата дојде на настапите на Фолтин, Eye Cue и June, кои во свој препознатлив елемент со познатите хитови, ја забавуваа публиката до доцна во ноќта. Добар амбиент, позитивни вибрации, музика што крева на нозе, задоволни, насмеани лица и контејнери преполни со пластични шишиња со што целта на овој фестивал беше исполнета.
„Драго ни е што заедно со дел од нашата музичка елита која ги препозна нашите заложби и идеи, ја зграбивме можноста и преку концерт, дружба и добра забавасе журкавме во хармонија со природата. Задоволни сме што нашата добра и благородна цел, овозможи толку многу забава“ – изјави Ико Брдароски, Менаџер за грижа на корисници во Пакомак.
Овој фестивал, чија цел е подигнување на јавната свест за култивирање на фер однос кон животната средина стана репрезентативен настан што многумина со радост го чекаат, збиднување што шири позитивни промени.
Влезници за фестивалот како и секоја година се добиваа во замена за 3 пластични шишиња, а оваа година околу 4.000 шишиња Пакомак однесе на рециклирање, кое ќе обезбеди нова суровина за нови производи со нова вредност. Звукот на зеленото и оваа година звучеше во хармонија со природата.