Легендата на Лос Анџелес Лејкерс, Коби Брајант постигна 26 поени при победата на тимот со 100: 94 над Минесота Тимбервулвс. Така 36-годишниот бек забележа 32.310 поени за целата кариера и го надмина Мајкл Џордан на третото место на вечната реализаторска листа во НБА.
Брајант го започна натпреварот со девет поени помалку од „летечкиот Мајк“ и во втората четвртина на натпреварот веќе беше понапред од поранешниот играч на Чикаго Булс и Вашингтон Визардс. Џордан има 32.292 поени за целата кариера во НБА, која траеше 15 години и вкупно 1.072 натпревари.
Коби Брајант ја игра 19-тата сезона во НБА и во моментов одиграл 1.269 средби во дресот на „езерџиите“. Пред него на вечната реализаторска листа во НБА се само Карим Абдул-Џабар (38.387 поени) и Карл Мелоун (36.928 поени).
ТОП 10 најдобри реализатори во историјата на НБА:
- Карим Абдул-Џабар – 38.387 поени
- Карл Мелоун – 36.928 поени
- Коби Брајант – 32.310 поени
- Мајкл Џордан – 32.292 поени
- Вилт Чембрлен – 31.419 поени
- Шекил О’Нил – 28.596 поени
- Моузес Мелоун – 27.409 поени
- Елвин Хејс – 27.313 поени
- Дирк Новицки – 27.223 поени
- Хаким Олајџувон – 26.946 поени