Семејството „Porsche 911“ се прошири со доаѓањето на новите „Carrera GTS“ купе и кабриолет модели, наменети за купувачите кои сакаат нешто поспортска верзија од регуларните „Carrera“ и „Carrera S“, но не се подготвени за агресивните „GT3“ или „Тurbo“ верзии.
Новите „Carrera GTS“ во купе и кабриолет верзии во продажба ќе се најдат кон крајот на годината, а цената за купето ќе биде 91.000 евра, додека за кабриолетот купувачите ќе мораат да одвојат околу 100.000 евра.
Погонот на задните тркала е стандарден, а во понудата ќе се најде и погон на сите четири тркала со доплата од 5.300 eвра.
Во однос на стандардната „Carrera“, „GTS“ е поширок, а тука се и уникатните 20-инчни тркала.
Под хаубата се наоѓа 3.8-литарскиот мотор од „Carrera S“, но овој пат со моќ од 430KS. Уште една новина е и стандардниот активен „PASM“ систем на амортизери кој го намалува автомобилот за 10 милиметри во однос на стандардниот модел.
Опремен со „PDK“ двојното квачило, „Carrera GTS“ до „стотка“ стигнува за 3.8 секунди (кабриолетот за 4.0 секунди) со максимална брзина меѓу 300 и 305km/h, во зависност од погонот и менувачот.
Покрај подобрените перформанси, потрошувачката би требало да остане иста, а повеќе информации ќе бидат достапни следниот месец на саемот за автомобили во Лос Анџелес.