Во последно време имам прилика да патувам доста низ нашата ни држава Република Македонија и да посетувам доста фирми. За жал работењето е со доста проблеми, а пред се со лоша наплата на своите побарувања.
Нејсе, не ми е целта овде да ги повторувам маките и проблемите на стопанствениците кај нас, туку да наметнам некои размислувања за можности за поголем економски развој.
Некои автори од економската мисла, а и јас лично сметам дека економскиот раст на една држава или регион е директно, односно правопропорционално поврзан со растот на претприемништвото. Како една од алатките за олеснување на претприемничките потфати и зголемување на претприемништвото се Бизнис инкубаторите.
Под бизнис инкубатор се смета “погоден” простор каде што својот бизнис го започнуваат потенцијалните претприемачи и се сместуваат многу млади (кои не се постари од 6 месеци) микро, мали и средни фирми.
Бизнис инкубаторите имаат три важни компоненти:
– Објект (простор за работа),
– Деловно советодавни и останати услуги и
– Менаџмент услуги
Бизнис инкубаторот им пружа можност на фирмите кои се во него да работаат на едно место, односно да делат заеднички простор на нов и оригинален начин. Инкубаторите се дизајнирани на начин да ги поддржат и задоволат потребите на локалната заедница и како резултат на тој пристап имаат индивидуален стил и фокус.
Заеднички карактеристики на инкубаторите се:
– Обезбедување на деловен простор под многу поволни услови,
– Деловно советодавни услуги за корисниците на инкубаторот,
– Заеднички административни работи,
– Помош во добивање финансиски средства за делување на фирмите кои се во него,
– Можност за бизнис вмрежување,
– Вклученост на заедницата (општината, регионот, државата) во работата на Бизнис инкубаторот.
Целта на бизнис инкубаторите е да створат успешни фирми кои, после одреден период, вообичаено после три години, го напуштаат инкубаторот. Како мотивација за напуштање на инкубаторот е и зголемувањето на цената на користењето на услугите на инкубаторот. На пример првата година се наплаќа 20%, втората 50% а третата 80% од реалната пазарна вредност на услугите на инкубаторот.
Во Република Македонија функционираа или функционираат повеќе бизнис инкубатори (Струмица, Штип, Охрид, Битола и други). За жал, не можев да пронајдам податок колку фирми до сега поминале низ инкубаторите и колку од тие фирми преживеале и се развиле по напуштањето на инкубаторите, но во секој случај се алатка за помош на претприемништвото.
Бизнис инкубаторите се пред се за промовирање и помош на микро, мали и средни претпријатија.
Од друга страна, тука се и Технолошките индустриско развојни зони (ТИРЗ) во кои државата обезбедува поволности за странски инвеститори (големи фирми).
Во овие зони се нудат поволности од делот на даноците, царини и други стимулации:*
• 10 ГОДИНИ ДАНОЧНИ ОСЛОБОДУВАЊА – Инвеститорите во ТИРЗ се ослободени за период од 10 години од плаќање на данок на добивка и 100% се ослободени од персонален данок на доход за период од 10 години, така што ефективната стапка на персоналниот данок на доход изнесува 0%.
• Земјиштето во ТИРЗ во Република Македонија се дава под долгорочен закуп за период до 99 години.
• Инвеститорите се ослободени од плаќање на надомест за уредување на градежното земјиште кон единиците на локалната самоуправа, како и од надоместоци за добивање на градежни дозволи.
• Бесплатен приклучок за гасовод, водоводна и канализациона мрежа.
• Владата на Република Македонија учествува во трошоците за градба на корисниците во ТИРЗ во висина до 500.000 евра, во зависност од бројот на нови вработувања и висината на инвестицијата на корисникот.
• Царински зелен канал за стоките.
(* извор: www.fez.gov.mk).
Она што при патувањата можев исто така да го видам е дека скоро во секој град има празни деловни комплекси кои биле дел од поранешните големи индустриски капацитети. Станува збор за цели деловни комплекси со целата потребна инфраструктура во нив: струја, вода, пристапен пат, а некаде и железничка линија, кои вообичаено се сместени и групирани во одредени делови до градовите, односно најчесто на нивните периферии. Тука се исто така и касарните во кои беше сместена АРМ, кои се со потребната инфраструктура, а кои сега се даваат на општините и најчесто таму се градат згради за колективно домување.
Она што ме мачи е колку би чинело ваквите деловни комплекси и поранешни воени касарни да се претворат во мини индустриски зони, споредено со чинењето на изградба на нови ТИРЗ?
Со цело должно почитување кон локалните самоуправи и средствата кои ги добиваат од комуналии за градба на станбени згради, сепак треба да се размислува и за равој на стопанството.
Она што би требало локалната и централната власт да направат, е да направат услови за домашни и странски инвестиции во објектите споменати претходно, и тоа со:
– Решавање на имотно правните односи кај деловните објекти преку носење законски решенија за забрзување на судски спорови (доколку ги има) и за дефинирање на сопственоста врз истите. Дури по можност истите државата да ги (до)купи и стане доминантен сопственик врз истите,
– Прогласување на овие комплекси за слободни економски зони каде би важеле исто така одредени економски поволности (пример: Давање поволности за долгогодишен закуп на објектите со можност истите да се откупат после 10 години со одредени поволности) или со можност да важат и истите поволности кои важат во сегашните ТИРЗ, ,
– Формирање на јавно приватни партнерства за отворање на Бизнис инкубатори во овие комплекси, …
Би можело да се наведат и ред други поволности кои би им се понудиле на домашните и странските инвеститори и претприемачи. Но, основната цел на ова мое писание е да се искористат постојните објекти со веќе постоечка инфраструктура, да се зголеми економскиот раст, а воедно сметам дека подобро би изгледало кога повторно би оживеале зградите кои сега на места изгледаат аветно.
Автор на колумната
М-р Раде Чоловиќ