Поранешниот германски репрезентативец Јирген Клинсман го продолжи договорот како селектор на националниот фудбалски тим на САД.
Сегашниот договор на 49-годишниот стратег истекуваше по завршувањето на Светското првенство во Бразил, но двете страни се согласија за продолжување за нови четири години или до 2018-та година.
Како дел од договорот, тој ќе биде и технички директор на националната фудбалска асоцијација на земјата – „US Soccer“. Ова ќе му даде поширок поглед врз програмите на националните тимови, развојот на играчите и тренерите и на масовниот фудбал.
„Јас сум многу среќен дека ќе продолжам со работата, која започна пред повеќе од две и пол години. Возбуден сум од тоа што можам да го видам напредокот што го направивме. Ќе продолжиме да се подобруваме на сите фронтови“, изјави Клинсман.
Германецот застана на чело на САД во 2011-та година и оттогаш запиша 26 победи, 10 порази и 7 реми во 43 меча. Тој оваа година ја освои титулата во првенство на КОНКАКАФ и ја пласираше репрезентацијата на САД на Мундијалот.
САД падна во исклучително тешка група на светското, каде силите ќе ги одмери со Германија, Португалија и Гана.