„McLaren“ ја шири палетата на своите автомобили. По моделот „MP4-12C“ и најновиот „P1“, во подготовка е и моделот „P13“ со 450 ks.
Британскиот производител полека, но сигурно прераснува во значаен играч на пазарот на супер-спортските автомобили. Во последнава година на пазарот прво се појави „Spider“ верзијата на моделот „MP4-12C“, па на женевскиот авто-саем, „McLaren“ го претстави својот нов топ модел, „P1“.
Сега компанијата од Вокинг се насочува кон друг спектар и автомобил кој ќе биде основен, топ-продажен модел. Според досега достапните информации, новиот модел ќе има структура од јаглеродни влакна, слична како онаа на „MP4-12C“ и „P1“.
Според „Auto Express“, „baby“ „McLaren“ ќе биде дизајниран под влијанието на моделот „P1“, со фарови во вид на бумеранг и вентилациски отвори на хаубата. Благодарејќи на употребата на јаглеродните влакна, масата на автомобилот би требало да се движи околу 1.430 kg.
„McLaren P13“ најверојатно ќе користи 3.8 литарски V8 мотор кој ќе произведува околу 450 ks, a ќе биде поврзан со седумстепен автоматски менувач со двојно квачило. Се проценува дека најслабиот „McLaren“ брзината од 0 до 100 km/h ќе ја оствари за помалку од 4 секунди, додека максималната брзина изнесува 322 km/h.
Овие спецификации, како и цената која ќе се движи околу 140.000 евра, ова возило го ставаат во класата меѓу „Porsche 911“ и „911 Turbo“.
Стратегијата на „McLaren“ за раст на производството предвидува годишна продажба од 2.500 примероци од моделот „P13“.
Автомобилот се уште се наоѓа во рана фаза на теситрањата, па така прототипот кој е фотографиран на патеката Нирбургринг се уште е „облечен“ во каросеријата на „McLaren MP4-12C Spider“.
Премиерата на ова возило би можела да се случи во текот на 2014-та година, а серискиот модел на пазарот би можел да се очекува во 2015-та година.