30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали „СКОПЈЕ СЕВЕР“ и во иднина ќе работи на мазут иако град...

Дали „СКОПЈЕ СЕВЕР“ и во иднина ќе работи на мазут иако град Скопје изрече забрана

Како резултат на низа пропусти, но и со цел да се спречи потенцијалното загадување на воздухот, топланата „Скопје Север“ доби забрана за работа на мазут. Градскиот сектор за животна средина потенцира дека тие во никој случај не би дале дозвола за работа на мазут, којшто спаѓа во најголемите загадувачки енергенси. Клучно објаснување е дека примарното гориво за топланите, односно природниот гас, пристигнува редовно во земјата, односно нема пречки во снабдувањето, што значи дека и „Скопје Север“, како и топланите „Исток“ и „Запад“ се обврзани да користат гас.

Мазут бил употребуван од топланата „Скопје Север“ изминатиов период без притоа да се добие потребното одобрување од Град Скопје, кој на оваа постројка во јули ѝ издал интегрирана еколошка дозвола. Секторот за животна средина во градот потврди дека до нив ниту е пристигнато барање за топланата да користи мазут, ниту, пак, тие издале одобрување за овој енергенс може да се употребува како погонско гориво.

Сега се поставува прашањето дали надлежните институции ќе изречат соодветни казни за „Скопје Север“ бидејќи со своеволното префрлање на мазут значително ги зголемиле опасностите по животната средина и здравјето на граѓаните. Особено што, во интегрираната еколошка дозвола стои дека оваа топлана мора да се придржува до повеќе точки, меѓу кои се и двете што подразбираат редовно мерење на загаденоста и проверки на квалитетот на горивото доколку се користи мазут.

Топланата веќе потврди дека ниту се прави мониторинг на воздухот, а квалитетот на мазутот не им е познат. Сето ова укажува на непрофесионално однесување и непридржување до прописите без притоа да се покаже чувство на одговорност дека со таквите постапки се нарушува квалитетот на животот и здравјето на жителите на Скопје.

Користењето на мазутот, притоа, се случува во временски период кога цената на природниот гас е значително намалена, со што паѓаат во вода тезите дека мазутот како алтернативно гориво е поисплатлив. Уште позначајно, состојбите на енергетски план не се нови, што значи дека политиките и одлучите што се носат на ова поле се задоцнети и несоодветно осмислени.

– Иако веќе втора зима по ред се соочуваме со енергетска криза, одлуките што се носат за нејзино надминување мора да бидат транспаренти и да носат придобивки на долг рок за да не се повтори кризата и наредната година. Заштитата на јавното здравје и животната средина исто така секогаш треба да бидат приоритет во носењето на ваквите одлуки – истакнаа од организацијата „Еко-свест“.

За граѓаните, од друга страна, оваа нејасна ситуација значи дека нивното здравје и понатаму ќе биде оставано во втор план, дека еколошките ветувања и борбата за чист воздух ќе биде заборавена, а користењето алтернативни горива, како мазутот, многу лесно може да стане секојдневна практика. Сето тоа ќе се случува и покрај тоа што топланите имаат можност примарно да функционираат користејќи природен гас, чиешто загадување е незначително во споредба со мазутот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП