30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКризата во Сирија би можела да го забави растот на светската економија

Кризата во Сирија би можела да го забави растот на светската економија

worldeco1

Растот на светската економија би можел да се забави поради ширењето на кризата во Сирија, бидејќи цената на нафтата ќе се покачи, а бизнисмените и потрошувачите би можеле да ги намалат своите расходи, пишува американскиот деловен весник „Wall Street Journal“ (WSJ).

Според оценката на економистите на компанијата „JP Morgan“, десетпроцентното поскапување на нафта во последните три месеци може да влијае на падот на глобалниот бруто домашен производ за 0,3 отсто, пресметано на годишна основа.

Очекувањето на почетокот на воениот ангажман на САД во Сирија, која Вашингтон ја обвинува за употреба на хемиско оружје против сопственото население, веќе ја однесе цената на нафтата во текот на минатата седмица на повеќе од 110 долари по барел, што е најголемо ниво за минатите две години.

„Wall Street Journal“ наведува дека воените акции на САД на Блискиот исток досега обично имаа за последица нестабилност на пазарот. Поради тоа, на пример, цените на нафтата секогаш растеа пред почетокот на било кои од ваквите операции.

По завршувањето на воените интервенции стравот кај инвеститорите најчесто се намалуваше, па нафтата поевтинуваше и тоа делуваше стимулативно на глобалната економија, тврди „WSJ“.

Овој пат, според проценките на весникот, периодот на нестабилност би можел да се „растегне“ на целиот тековен месец, откако американскиот претседател Барак Обама одлучи за најавената воена интервенција против Сирија да побара одобрување од американскиот Конгрес, кој после летната пауза ќе се собере на 9 септември.

Очекувањето на странска воена интервенција во Сирија не е единствената причина поради која може да се очекува пад во глобалната економија, истакнува „WSJ“, наведувајќи дека американскиот Конгрес наскоро би требало да одлучува за зголемување на лимитот на државниот долг на САД, додека Управата за федерални резерви (Fed) би можела да го намали нивото на поттикнување на најголемата светска економија.

Најавата на американската Централна банка дека во септември ќе го намали месечниот откуп на државните обврзници и хипотекарните вредносни хартии, вреден 85 милијарди долари, веќе поттикна раст на каматите и помасовна продажба на акциите на некои важни финансиски пазари.

Доза на неизвесност на финансискиот пазар постои и поради престојните парламентарни избори во Германија на 22 септември, бидејќи после тоа ќе биде појасно како понатаму ќе се решава должничката криза во еврозоната, вклучувајќи ја и додатната помош за презадолжената Грција, наведуваат аналитичарите за „WSJ“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП