ТТК Банка АД Скопје за периодот 01.01-31.03.2022 година оствари добивна во износ од 30,5 милиони денари, што претставува повисок резултат за 18,3 милиони денари или за 149,5 % во однос на истиот период минатата година.
Нето-приходите од камати претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето на Банката. Остварените нето-приходи од камати во периодот од 1.1.2022 до 31.3.2022 година изнесуваат 58,8 милиони денари и во однос на планот се остварени со 100,4 %.
Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги во тековниот период изнесуваат 47 милиони денари и бележат зголемување за 2,1 % во однос на претходната година, што се должи во најголем дел од зголемените приходи од провизии од картично работење, како и од реализираните приходи од провизии од платниот промет од секторот стопанство и приходи од провизии од брокерско работење. Во однос на планот за овој период, нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги се остварени со 99,9 %.
Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 3 милиони денари и бележат годишен раст од 28,1 % како резултат на зголемениот обем на тргувања на девизниот и на менувачкиот пазар. Во однос на планот се остварени со 99,4 %.
Останатите приходи од работењето на Банката изнесуваат 21,5 милиони денари и се повисоки за 12,6 милиони денари во однос на минатата година, како резултат во најголем дел од поголемиот износ на реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземени средства. Планот е надминат за 2 процентни поени.
Вкупните оперативни трошоци во анализираниот период изнесуваат 88,3 милиони денари и се за 4 % повисоки во однос на истиот период минатата година, како резултат во најголем дел од повисоките трошоци за плати, како и од зголемените материјални и административни трошоци. Во однос на планот се остварени со 99,8 %.
Во споменатиов период, исправката на вредноста на финансиските средства и на посебната резерва за вонбилансна изложеност на нето-основа изнесува 8,7 милиони денари, како резултат на подобрениот квалитет на кредитното портфолио. Истата е пониска за 16,4 милиони денари или за 65,5 % во однос на 31.3.2021 година.
Финансискиот извештај можете да го погледнете тука.