Јапонскиот производител „Toyota“ објави дека сериската верзија на концептот „Aygo X“ ќе се произведува во фабриката во Колин (Чешка) заедно со моделот „Yaris“. Двата автомобили ќе ја делат истата верзија – „GA-B“ на платформата „Toyota New Global Architecture“.
Компанијата останува еден од ретките производители што ќе остане во сегментот на мини-автомобили со мотор со внатрешно согорување. „Ford“ и „Opel“ веќе ги напуштија овие модели поради нискиот профит, додека другите производители се потпираат на електрични верзии како одговор на регулаторниот притисок за намалување на емисиите на CO2.
Новиот мини-автомобил на „Toyota“, заедно со „Yaris“ и претстојниот „Yaris Cross“, кој е на истата платформа „GA-B“, ќе им овозможи на Јапонците да направат значителни заштеди во производството. Автомобилот е дизајниран специјално според вкусот на европските потрошувачи.
Лансирањето на малиот модел треба да и помогне на компанијата да продава 1,5 милиони автомобили годишно на европските пазари, вклучувајќи ја и Русија. Оваа цел мора да се постигне до 2025-та година, кога „Toyota“ се надева дека ќе има удел на пазарот од 7% на континентот.
Продукциската верзија на „Aygo X“ ќе биде прикажана подоцна во оваа година, а се очекува да го носи името „Aygo Cross“. Ова го навестува „SUV“ дизајнот на мини моделот, кој се разликува од познатиот „Aygo“ по агресивниот изглед и поголемото растојание од подлогата.
Јапонците подготвуваат уште еден мал модел за Европа, што ќе биде заеднички развој со „Mazda“ и ќе има хибриден погон. Тој ќе се базира на „Yaris“, а производството ќе се одвива во фабриката на „Toyota“ во Келн.