30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветските цени за храна скокнаа на нивото од пред 7 години

Светските цени за храна скокнаа на нивото од пред 7 години

Светските цени на храната продолжија да растат во јануари, осми месец по ред, со најголем пораст кај житарките, растителните масла и шеќерот, соопшти Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Индексот на цената на храната, пресметан од ФАО по месечните промени на цената во корпата со прехранбени производи која ја сочинуваат житариците, растителните масла, шеќерот, млечните производи и месото, во просек изнесуваше 113,3 поени во јануари 2021-ва година, што е скок од 4,3 проценти во споредба со декември и највисоко ниво од јули 2014-та година.

Во јануари, цените на житните култури нагло се зголемија, за 7,1 процент на месечно ниво, предводени од растот на цената на пченката на меѓународните пазари за 11,2 проценти, се вели во извештајот објавен на веб-страницата на ФАО. Цените на пченката сега се дури 42,3 проценти над нивото од јануари 2020-та година, што е одраз на се повеќе дефицитарната глобална понуда како резултат на големите кинески набавки и помалото производство и залихи во САД отколку што се очекуваше, како и привремените прекинувања на регистрациите во Аргентина за извоз на пченка.

Цените на пченицата зајакнаа за 6,8 проценти, како резултат на големата глобална побарувачка и очекуваното намалување на продажбата од Русија, кога извозната давачка на пченицата се зголеми двојно во март.

Високите цени на оризот се поткрепени со големата побарувачка од азиските и африканските купувачи, додава ФАО.

Што се однесува до растителните масла, цените се зголемија за 5,8 проценти во јануари во споредба со претходниот месец и се на највисоко ниво од мај 2012-та година. За тоа придонесе и секторот за транспорт, кој го зеде предвид пониското производство на палмино масло во Индонезија и Малезија отколку што се очекуваше, а причина за тоа се обилните дождови и хроничниот недостиг на мигрантска работна сила, но и продолжувањето на штрајковите во Аргентина поради што е намалена достапноста на соино масло за извоз.

Најголем пораст на цените во корпата за храна на ФАО е забележан од шеќерот, за 8,1 процент во споредба со декември, бидејќи огромната глобална побарувачка за увоз ги разгоре стравувањата од потенцијален недостиг на снабдување како резултат на влошените изгледи на родот во Европската унија, Руската Федерација и Тајланд и поради сушата во Јужна Америка. Зголемувањето на цените на суровата нафта и зајакнувањето на бразилската валута, исто така го поддржаа зголемувањето на цените на шеќерот.

Индексот на цените на млечните производи на ФАО во јануари забележа месечен раст од 1,6 проценти, поттикнат од силните нарачки од Кина пред претстојните новогодишни празници и поради сезонскиот пад на извозните резерви во Нов Зеланд.

Цените на месото пораснаа за 1 процент од декември, поттикнати од забрзаниот увоз на живина, особено во Бразил, поради епидемијата на птичји грип што го ограничи производството и извозот од повеќе европски земји.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП