Технолошкиот гигант „Apple“ склучи договор со музичката компанија „Warner Music“ со што направи чекор напред во плановите за онлајн – радио, јавуваат американските медиуми. Според информациите „Warner“ му издала лиценца на „Apple“ да може да ги користи нивните песни пишуваат „New York Times“ и „Wall Street Journal“. Детали од договорот засега не се соопштуваат.
Според информациите планираното интернет радио, нарекувано во круговите како „iRadio“ ќе дозволува музиката бесплатно да се користи и ќе се финансира од реклами. Софтверската компанија забрзано работи да се финализира договорот пред Меѓународната конференција за развој „WWDC“, како и останатите работи за добивање на лиценцата.
„Wall Street Journal“ сепак пишува дека другата музичка компанија во преговорите, „Sony“ сакала повеќе пари и поради тоа засега немаат најдено заеднички јазик. Таа ги држи правата на изведувачите како што се Алиша Кис и Пинк.
Во моментов „iTunes“ е најголемата платформа за онлајн продажба на музика. Но со се поголема брзина се шират апликации кои го овозможуваат ова задоволство без пари. Веќе постојат услугите како што се „Spotify“, „Juke“ и „Napster“ кои нудат неограничен пристап до музика без месечна претплата.