30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗНМ бара субвенции за весниците

ЗНМ бара субвенции за весниците

Здружението на новинарите на Македонија заедно со претставници на печатените медиуми денес се сретнаа со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

На средбата се разговараше за можноста за субвенционирање на печатените медиуми во Македонија. Оваа тема беше иницирана од ЗНМ со цел да се помогне на весниците да се прилагодат на новите услови за работење на пазарот, особено по појавата на интернетот и социјалните мрежи.

Загрижени од затворањето на неколку весници, ЗНМ смета дека Владата има на располагање низа можности преку кои може да ги помогне нив за да се преструктурираат на пазарот.

„Владата може да воведе разни даночни олеснувања, попусти за јавни услуги, субвенционирање на хартија, печатење или помош за развој на дистрибутивната мрежа на весниците. Такви мерки се применуваат во разни европски земји“ истакна на средбата директорот на ЗНМ, Драган Секуловски.

Претставници на печатените медиуми предложија разни форми на субвенции и истакнаа дека без соодветна помош нивната егзистенција е доведена во прашање.

Министерот Манчевски искажа разбирање за проблемите со кои се соочуваат весниците и се согласи заедно со Здружението да се организира дебата, на која ќе бидат повикани сите претставници на печатените национални и регионални медиуми во Македонија за да се разговара за можните модели на субвенционирање.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП