30 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАСамостојна изложба на Маја Кировска во Јужна Кореја

Самостојна изложба на Маја Кировска во Јужна Кореја

Изложбата „Универзален ритам“ на Маја Кировска на 16 август во 17 часот ќе биде отворена во главната галерија на „Вумин арт центар“, Ченгџу, Јужна Кореја.

Организатор на изложбата е уметницата Санјонг Ли во соработка со „Вумин арт центар“.

На изложбата ќе бидат претставени шеснаесет дела, од кои повеќето се објекти, две инсталации во простор, како и две дела кои комбинираат објекти и видео.

„’Универзален ритам‘ е изложба инспирирана од една античка филозофска мисла за поврзаноста на убавината со бројот и пропорцијата и се обидува да ја отелотвори во современи уметнички дела. Тоа е симболична претстава на единството, на сè што постои во овој свет. Комбинирајќи ги симболите на големите светски религии, ја илустрира позицијата на културата во хармоничното движење на универзумот на нејзиниот еволутивен пат. Во исто време делата претставени на оваа изложба покажуваат сличност со најсовршените природни објекти, кристалите, посочувајќи ги на тој начин заедничките принципи на функционирање од разните сфери на светот што нè опкружува“, вели Маја Кировска.

„’Универзален ритам‘ е многу смело и оригинално дело, зачудувачки поедноставена и сублимирана претстава на вечните логотипи, преку кои Маја успева да проникне до најдлабоките космички законитости. Низ јазикот на математиката, јазикот на филозофијата и јазикот на религиите, во исто време со вешта употреба на компјутерската технологија како алатка, сите нешта се едноставни и кристално јасни. Нејзината просторно временска мрежа нè води до најдлабоките тајни на постоење на универзумот, а во исто време и нè потсетува дека сепак сме само една честичка од него“, вели за изложбата Мери Аницин-Пејоска.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП