Ракометарките на Вардар ја освоија титулата во регионалната лига (ВРХЛ), откако во финалето на завршниот турнир, кој во вторникот и средата, се одржа во Скопје, славеа над Будуќност 27:25.
Како организатори на завршниот турнир, вардарки фигурираа како најголеми фаворитки за титулата и таа улога во целост ја оправдаа на теренот.
Против големиот ривал, избраничките на Ирина Дибирова, константно ја имаа предноста, а мечот доза на неизвесност доби во последните 15 минути, кога Будуќност најпрвин израмни на 21:21, а потоа во 48 минута гостинките имаа и водство 21:22.
Сепак „црвено-црните“ бргу се консолидираа, ја вратија предноста на своја страна, а победата ја обезбедија со голот на Човиќ во последната минута.
Мавсар со шест, односно Пенезиќ со пет гола го предводеа тимот до титулата, додека најефикасни кај Будуќност беа Булатовиќ и Неагу со по осум гола.
Двете екипи по овој турнир ги очекува најваважниот дел од сезоната, односно настапот на завршниот турнир во Лигата на шампионките, кој се одржува на 6 и 7 мај во Будимпешта.