Најголемата европска нискобуџетна авиокомпанија најави дека ќе го намали бројот на летови од лондонскиот аеродром Станстед.
„Ryanair“ наведе и дека ќе се фокусира на растот на аеродромите надвор од Британија, по изненадувачката одлука на Обединетото Кралство да излезе од Европската унија.
Измената на деловната статегија ја најави генералниот директор на „Ryanair“, Мајкл Олири, во склоп со претставувањето на деловните резултати на компанијата за првиот квартал, пренесува агенцијата АП
Во периодот април-јуни, нето профитот на „Ryanair“ пораснал за четири проценти, на 256 милиони евра, бидејќи авиокомпанијата превезла 31,2 милиони патници, за 11 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година.
Таквите резултати се реализирани благодарение на просечната цена на авиобилетите од 39,92 евра, што е за десет проценти пониска цена во однос на истиот период во 2015 година.
Директорот на „Ryanair“ порача дека одлуката на Британија од 23 јуни е „изненадувачка и разочарувачка“ и дека ќе ја погоди побарувачката на потрошувачите.