недела, 29 јануари 2023
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈанакиески: Македонија нуди одлични услови за бугарските инвеститори

Јанакиески: Македонија нуди одлични услови за бугарските инвеститори

janakieski

Македонските и бугарските бизнисмени ќе ја зајакнуваат економската соработка преку реализирање заеднички проекти и формирање партнерски мали и средни претпријатија. Административните пречки се веќе минато, но отсуството на инфраструктурна поврзаност и натаму останува проблем кој мора да се надмине.

Ова е заклучокот од денешното собрание на Македонско-бугарската стопанска комора што се одржа под мотото „Бизнис без граници“.

– Владата континуирано имплементира проекти за подобрување на бизнис-климата. Во текот на економската криза донесе четири пакет-мерки за помош на домашните компании, а за привлекување странски инвестиции продолжува да основа технолошко-развојни индустриски зони (ТИРЗ) со низа даночни поволности, порача министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески пред стопанствениците.

Тој ги повика бугарските бизнисмени да инвестираат во Македонија поради, како што рече, одличните услови што се нудат.

– Утврдена е стратегијата за формирање три технолошко-индустриски развојни зони во источна Македонија, Берово/Пехчево, Делчево и Струмичко чие отворање е планирано наскоро. Од 1 јуни годинава во Македонија ќе профункционира и електронскиот систем за издавање одобренија за градење, информира Јанакиески.

Како што напомена министерот, интензивно се работи и на изградбата на пругата кон Бугарија. За првата делница Куманово – Бељаковце се обезбедени 44 милиони евра.

– Врвен приоритет за Македонија и Бугарија на политички и економски план е заедничката сегашност и иднина во европското семејство како придобивка за целиот регион. Тоа воедно ќе значи и сигурност за бизнисите, нагласи Јанакиески.

Според бугарскиот амбасадор во земјава Иван Петков, трговската размена меѓу Македонија и Бугарија е солидна, но има уште многу простор за нејзино унапредување. Двете земји мора да се насочат и кон збогатување на трговските стоки и услуги.

– Во 2012 размената беше нешто повеќе од 550 милиони лева, што е помалку од 2011 кога достигна една милијарда. Причината за ваквиот биланс беше веројатно економската криза, рече Петков.

Неговиот македонски колега Благој Ханџиски посочи дека и во услови на криза, постигнат е раст во туристичката размена. Во првите три месеци годинава е регистриран и зголемен интерес на бугарските бизнисмени за инвестирање во Македонија.

– Бројот на издадени работни визи е зголемен два пати. Тоа покажува дека не е зголемен само интересот за инвестирање, туку и дека бугарските фирми многу почесто учествуваат и добиваат на тендери и работат во Македонија, рече Ханџиски.

Бизнисмените покажаа дека секогаш се пред политичарите. – Ние не сме оптоварени со теснонационални интереси, сакаме и ќе градиме амбиент на бизнис без граници, подвлече новиот претседател на Македонско-бугарската стопанска комора Зоре Темелковски во обраќањето.

– Комората мора да се обнови како силен гарант за слободата на претприемништвото и стимул на нашите политички и културни елити. Ја гледаме како сервис за остварување блиски, брзи, ефикасни бизнис контакти, рече Темелковски.

Македонско-бугарската стопанска комора е формирана пред две години. На денешниот состанок нејзините членки ги утврдија приоритетите, институционално јакнење, меѓународно вмрежување, промоција и маркетинг.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП