26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМизо на Глобален саем и самит за слободни економски зони во Малезија...

Мизо на Глобален саем и самит за слободни економски зони во Малезија

mizo-prezentacija

Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), Виктор Мизо и претставници на Дирекцијата учествуваат на вториот Глобален саем и самит за слободни економски зони што се одржува во Куала Лумпур, Малезија.

На меѓународниот настан, на кој присуствуваат повеќе од 450 делегати и изложувачи од Азија, Европа, Америка и Африка, преку директни контакти и на поединечни средби се презентираа Технолошко-индустриските развојни зони на Република Македонија.

Покрај презентирањето на можностите за директно инвестирање во зоните, беше разговарано со приватни оператори на зони од Индија, Обединетите Арапски Емирати, Кореја и Малезија како можни партнери за развој и управување на некои од зоните во Македонија.

– Неколку од нив изразија спремност за посета на Македонија и разгледување на зоните поради постоечката потреба на нивните клиенти за проширување на бизнисот и операциите во Европа, соопштуваат од ТИРЗ.

Во рамките на самитот делегацијата на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони ќе оствари посета на Специјалната економска зона Искандар Малезија во која Владата на Малезија досега има инвестирано повеќе од 2 милијарди американски долари и претставува најголем инвестициски проект во регионот.

Тридневниот Глобален саем и самит за специјални економски зони, кој завршува денеска, претставува огромна можност за директно поврзување на водечките меѓународни инвеститори и производители со глобалните инвестициски дестинации, како и со владите и владините институции кои оперираат со специјалните економски зони.

На настанот, кој е фокусиран на стратешкиот и одржлив развој на меѓународната слободна трговија и развојот на специјалните економски зони во светот, како панелисти учествуваат претставници на едни од најразвиените специјални економски зони во светот и тоа од Малезија, ОАЕ, Индонезија, Индија, Оман, Јужна Кореја и многу други, како и високи претставници на Светска банка, консултантски куќи и реномирани медиуми од инвестицискиот сектор.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП