18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВнимателност на Волстрит во пресрет на извештајот за вработеноста

Внимателност на Волстрит во пресрет на извештајот за вработеноста

volstrit-berzi

Берзанските индекси на Волстрит останаа речиси непроменети во четвртокот бидејќи инвеститорите не беа расположени да ризикуваат во пресрет на извештајот за вработеноста во САД и сезоната на објава на квартални деловни податоци.

Dow Jones ослабна 12 поени, или 0,08 отсто, на 16.272 поени, додека S&P 500 порасна за 0,20 отсто, на 1.923 поени, а Nasdaq индекс за 0,15 отсто, на 4.627 поен.

На самиот почеток на тргувањето цената на акциите осетно порасна, но добивките постепено се намалуваа бидејќи на пазарот владееше несигурност поради забавувањето на растот на кинеската економија и можното зголемување на каматите на Фед до крајот на годината.

Инвеститорите не сакаат да ризикуваат во пресрет на извештајот за вработувањето во септември, кое ќе биде објавено во петокот и ќе може да влијае врз одлуката на Фед за зголемување на каматите.

Аналитичарите во анкетата на Reuters проценуваат дека бројот на вработени е зголемен за 2003 илјади, додека во претходниот месец во САД беа отворени 173 илјади нови работни места.

Стапката на невработеност, се проценува, би можела да остане непроменета на 5,1 отсто.

„Фед остана фокусиран на пазарот на труд и на инфлацијата. Доколку во петок податоците за вработувањето навистина не бидат лоши, Фед ќе мора да најде добар изговор доколку и на следната седница го одложи зголемувањето на каматите“, вели Џек Албин, директор во BMO Private Bank.

Американската централна банка неодамна го одложи зголемувањето на каматите поради како што порача несигурноста во врска со состојбата во глобалната економија, особено во кинеската.

Тоа предизвика остар пад на цените на акциите бидејќи инвеститорите заклучија дека состојбата во светската економија е толку лоша што би можело да влијае и врз американската.

„Инвеститорите се внимателни и поради тоа што во наредната недела започнува објавата на кварталните деловни резултати на американските компании, што е од клучно значење за насоките на пазарот на акции до крајот на годината“, вели Албин.

Се проценува дека резултатите на компаниите во третиот квартал не се импресивни. Поради ниската цена на нафтата, високиот курс на доларот и слабеењето на побарувачката во светот, добивката на американските компании би можела да падне за првпат од глобалната финансиска криза од 2009 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП