8 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАСеребрјаков: Ги делам филмовите на филмови со гола жена со сабја во...

Серебрјаков: Ги делам филмовите на филмови со гола жена со сабја во раката и филмови што бараат размислување

serebrjakov

Двајцата лауреати на Специјалната „Златна камера 300“ – Бруно Ганц и Алексеј Серебрјаков денеска присуствуваа на прес конференцијата организирана во рамки на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Воведниот збор за Алексеј Серебрјаков го дадоа директорот на фестивалот Димитар Николов и уметничкиот директор Благоја Куновски. Куновски го најави како големо име на европскиот филм, а не само на рускиот.

„Серебрјаков посебно со неговата улога во „Левијатан“ на Андреј Звагињцев, но и претходно во многу други филмови на најдобрите руски режисери остава навистина неизбришлива трага. Она што посебно го одбележува овој голем актер е неговата храброст, бескомпромисност како во актерскиот израз, така и во неговите политички и општествени погледи“, рече селекторот на програмата „Нов европски филм“, Дејан Трајкоски.

Серебрјаков се заблагодари и ја опиша Македонија како комбинација од сонце, пејзаж, многу убави луѓе и вино. За улогата во „Левијатан“ рече:

„Многу тежок филм. Некои кадри се преснимуваа по 20-30 пати. Сепак, оставам сликата да зборува сама за себе и се надевам дека токму преку таа слика нашите поколенија ќе можат да разберат на каква територија живеат“, рече Серебрјаков.

Лауреатот додаде дека го интересираат авторски искажувања на луѓето и дека би снимил и македонски филм, ако се појават такви предлози од македонските режисери.

„Ги делам филмовите на филмови со гола жена со сабја во раката и филмови што бараат размислување, кои поттикнуваат дијалог со самите себеси и со авторот, а такви се многу помалку“, изјави Серебрјаков.

На вториот дел од прес-конференцијата директорот Николов го најави Бруно Ганц.

Селекторката на документарната програма на фестивалот Гена Теодосиевска како модератор на прес-конференцијата со Бруно Ганц му рече дека го памети како ангелот од филмот „Небото над Берлин“ од Вим Вендерс во кого сите се вљубивме.

„Кога почнавме да снимаме со Вендерс многу дијалози во сценариото не беа целосни. Што е ангел, како изгледа, како зборува, како комуницира со другите ангели. Претходно немаше филмови за ангели и немавме друга претстава освен преку религиозните мотиви и книги. Снимавме по 12 часа, а потоа во вечерните часови продолжувавме со состаноци. Воопшто немавме приватен живот“, изјави Бруно Ганц.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП