Државниот совет на Франција го отфрли предлогот на владата за воведување на данок од 75 проценти за најбогатите граѓани, како што тоа го направи и Уставниот совет на крајот на декември.
Уставниот совет во својата препорака, помеѓу останатото, изнесе мислење дека максималниот износ на данокот за најголемите годишни приходи не би требало да надминува 66,6 проценти.
Во препораката се наведува дека данокот за годишните приходи над еден милион евра не треба да се применува на поединци туку на едно цело домаќинство, и дека заработката мора да се пресмета врз основа на членовите на домаќинството.
Францускиот министер за финансии Пјер Московиси и министерот за буџет Бернар Казнев признаа дека просторот на маневар на владата, по одлуката на Државниот совет и Уставниот суд, е прилично тесен.
Министрите додадоа дека владата ќе се обиде да ги усвои мерките кои ќе овозможат донесување на Законот за оданочување на најбогатите во 2014 година, за кој се задолжи францускиот претседател Франсоа Оланд во својата предизборна кампања.