4 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПродолжението на култната серија ‘Твин Пикс’ во 2017-та

Продолжението на култната серија ‘Твин Пикс’ во 2017-та

твпи

Режисерот Дејвид Линч во септември ќе го започне снимањето на продолжението на култната телевизиска серија „Твин Пикс“ чијашто премиера е закажана за септември 2017 година со повеќе епизоди од првично планираните, пишува американскиот портал Deadline, повикувајќи се на директорот на телевизискиот канал Showtime.

Директорот на споменатата телевизија, Дејвид Невинс, вели дека „третата сезона од серијалот претставува приоритет“ за Showtime. Прашан за тоа дали новите епизоди ќе бидат емитувани во 2016-та, како што првично беше најавено, или во 2017 година, тој вели дека тоа ќе се случи „кога ќе бидат завршени“. „Се надевам порано“, додава.

„Стана јасно дека сезоната ќе биде подолга од првично планираните девет епизоди. Линч сака да ги сними сите епизоди од новата сезона“, истакнува Нивенс.

Култниот американски режисер Дејвид Линч во октомври 2014 година ги израдува поклониците на неговата непомалку култна телевизиска серија „Твин Пикс“ (Twin Peaks), со најавата за нејзино враќање на малите екрани во 2016 година, четврт век по емитувањето на последната епизода. Од Showtime тогаш издадоа соопштение во коешто го најавија враќањето на серијата во 2016 година, 25 години по емитувањето на последната епизода од серијата.

Авторите Дејвид Линч и Марк Фрост ги напишаа сценаријата и ги продуцираа сите нови епизоди кои се случуваат во сегашноста и на обожавателите на серијата треба да им ги дадат долго очекуваните одговори, а самиот Линч ќе ги режира сите нови епизоди.

Запрашан за актерската екипа, а изворните улоги ги толкуваа Кајл Меклахлан во ролјата на агентот на FBI Дејл Купер, во која се појави и во филмската верзија, како и Лара Флин Бојл во улогата на другарката на убиената средношколка Лора Палмер (Шерил Ли) – Дона Хејворд, и Џоан Чен која го толкуваше ликот на Џоселин Џоси Пакард, Невинс потврди дека Линч навистина ќе го врати Меклахлан. „Обожавателите треба да бидат оптимисти дека оние коишто ги посакуваат ќе бидат присутни, покрај некои изненадувања“, истакнува челникот на Showtime.

Пред емитувањето на новите епизоди Showtime ќе ги репризира првите две сезони од серијата којашто првпат ги прикажа телевизиската мрежа ABC од 8-ми април 1990-та до 10-ти јуни 1991 година.

Серијата е добитник на Златен Глобус, а имаше и номинација за Еми. Подоцна според серијата беше снимен филмот „Твин Пикс: Огну чекори со мене“ (Twin Peaks: Fire Walk With Me), кој не постигна особен успех од комерцијален аспект. Во 2007 година магазинот Time ја вброи меѓу „најдобрите телевизиски емисии на сите времиња“.

За Линч, ова ќе биде првиот поголем проект од 2006 година, од трилерот „Inland Empire“ во кој се појави холивудската актерка Лора Дерн.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП