Со резултат кој не треба никого да изненади, грчките гласачи ги отфрлија европските барања за дополнителни мерки за штедење како цена за тоа што ќе бидат обезбедени фондови за грчките банки да можат да функционираат.
Постојат три причини зошто ова не требаше да претставува изненадување. Прво, владеачката коалиција на радикалната левица, партијата Сириза, владее затоа што го разбира расположението на гласачите. Второ, постојаното кудење и гадење од премиерот и министерот за финансии ги убеди Грците дека не само што кудењето и гадењето е насочено и кон нив, туку и дека некој што е толку омразен од европското раководство не може да е толку лош. Конечно – и најважно – европското раководство ги стави Грците во позиција во која повеќе нема што да изгубат. Грците беа оставени да бираат помеѓу две форми на опустошување: едната, која е непосредна, но од која може да се заздрави и другата која претставува долгорочно давење без никаков излез.
Грешното резонирање на Европејците
Како што забележа Меѓународниот монетарен фонд (задржувајќи го, сепак, тврдиот став кон Грција), Грците не можат да си ги вратат долговите или да побегнат од нивниот економски кошмар без значително реструктуирање на грчкиот долг, вклучувајќи значително простување на долгови и волја да се создаде повеќедецениско решение. ММФ исто така јасно стави до знаење дека зголеменото штедење, покрај тоа што е неподнослив товар за Грците, всушност ќе го оневозможи и заздравувањето на Грција и враќањето на долговите.
И Грците го знаеа ова. Она што беше очигледно е дека штедењето без радикално реструктуирање на долгот неизбежно ќе доведе до пропаст, ако не сега, тогаш во блиска иднина. Фокусирајќи се на пензиите, Европјаните создадоа привид дека се цврсти, но тоа всушност изгледаше многу будалесто. Сите мерки за штедење заедно не ќе обезбедеа ни приближно доволно пари да се вратат долговите без нивно реструктуирање. Кога ќе дојде времето, или Грција ќе пропадне или долговите ќе бидат реструктуирани.
Бидејќи европските лидери не се глупави, битно е да се разбере играта која тие ја играа. Ним им беше совршено јасно дека мерките за штедење се некаде помеѓу целосно нерелевантни и крајно штетни во однос на враќањето на долговите. Но, во овој момент инсистираа на оваа битка затоа што мислеа дека ќе победат, а им беше битно да ја присилат Грција на капитулација од многу пошироки причини.
Ниту една друга европска држава не е во толку лоша состојба како Грција. Сепак, голем број европски држави, особено во јужна Европа, влечкаат должнички товар за кој би сакале повторно да преговараат. Оваа година ним им оди подобро отколку на Грција, но со постојано високата невработеност (на пример, 22,5% во Шпанија во мај годинава), две нешта остануваат нејасни: прво, во каква состојба ќе биодат овие држави наредната година или годината по неа и второ, какви влади ќе ја преземат власта и какви ќе бидат нивните ставови. Грција претставува само два процента од БДП-то на ЕУ. Италија и Шпанија се далеку поважни. Проблемот со реструктуирањето на долговите е во тоа што штом еднаш се направи за една држава и другите ќе бараат реструктуирање. Европската унија не сакаше да воспостави преседани за идните кризи или анти-ЕУ влади.
Во Грција европските лидери си најдоа и криза и непријателска влада. Тоа беше совршено место за вкопување на позицииите, си мислеа тие. Станаа нефлексибилно во однос на реструктуирањето на долговите, барајќи претходни зголемени мерки за штедење во земја во која невработеноста надмина 25%, а кај младите отиде над педесет. Стратегијата на ЕУ во минатото беше психолошка: ширење на страв од тоа што ќе значи банкротот на земјата, ширење страв од последиците од напуштањето на еврозоната и тврдење дека Европската Унија е таа на која и недостасува способност да попушта.
Во минатото, стратегијата на ЕУ беше да склучува договори со Грците за кои знаеше дека нема шанси тие да ги почитуваат, со цел да ги поттурне проблемите под килим. Европските лидери бараа мерки за штедење, но ги врзуваа со одложување на плаќањето. Очекуваа Грците да продолжат да ја играат играта. Од некоја причина, не сватија дека Сириза дојде на власт со ветување дека ќе ја прекине играта. Си мислеа дека, под силен притисок, и таа партија ќе попушти.
Но Сириза не можеше да попушти и не само од политички причини. Ако Сириза го предадеше предизборното ветување, во што европското раководство беше убедено, партијата ќе се распаднеше и ќе се создадеше нова анти-европска партија во Грција. Но, гледано подлабоко, Грците едноставно повеќе не можеа да даваат. Со економија која се распаѓа и Европа која инсистира дека решението не е во стимулации, туку во штедење (тврдење кое станува се поконтроверзно), Грците стигнаа до точка од која банкротот – и краткорочниот хаос кој би следувал – се чинеа исплатливи.
Европските лидери погрешно пресметаа. Мислеа дека Грција ќе биде пофлексибилна и сакаа да им покажат на сите други држави или партии кои би помислиле да преземат слични маневри колкава е цената која ќе мора да ја платат. Европјаните стравуваа од моралниот ризик кој го носи компромисот со Грците. А создадоа многу поопасна ситуација за себе.
Нови закани за Европската унија
Прво, со својот третман на Грција, ЕУ дома ја прати пораката (а особено до растечките евроскептични партии) дека е само обична договорна организација, не конфедерација, а камоли федерација. Европа беше унија се додека една членка не западна во неволји. Многупати е кажано дека Грците неодговорно земаа кредити. Но, остатокот на Европа неодговорно им ги даваше. Банките кои ги позајмуваа парите многу добро знаеја во каква состојба се наоѓа Грција. Идејата дека Грците фрлале прашина в очите на банкарите е чиста глупост. Банкарите сакаа да ги даваат заемите затоа што заработуваа од секоја трансакција. Плус, европските институции кои ги купуваа заемите од нив ги спасуваа оние кои ги земаа заемите. Луѓето кои ги земаа заемите им ги продаваа на трети странки, а третите странки им ги продаваа на европските институции. Што се однесува до Грците, ниту народот ниту сегашнава влада ги земаа тие пари. И така приказната ќе им помогне на партиите како Подемос во Шпанија или УКИП во Британија да изградат случај против Европската унија. Сега Европската унија изгледа и како заштитник на банките и како душман на оние кои всушност ништо не позајмија.
Второ, откако ја наметнаа грубата игра, сега Европјаните или треба да продолжат со неа, навлекувајќи ги критиките за кои дискутиравме погоре, или да понудат компромис кој не би го понудиле пред гласањето. Едното ќе доведе до тоа на ЕУ да се гледа како на потенцијален непријател на државите кои минуваат низ тешки времиња, додека второто ќе ги чини кредибилитетот во идните вакви преговори. Најверојатно Европјаните ќе ги продолжат разговорите со Грција, но ќе играат со многу послаби карти. Грчките гласачи, всушност, им го прочитаа блефот.
Интересно е тоа како европските лидери се изманеврираа себе си во ваква позиција. Делумно тоа е затоа што не можеа да си замислат дека грчаката влада нема да и попушти на Европската унија, на Германија и на останатите. Делумно, пак, затоа што не можеа да си замислат дека Грците нема да разберат што за нив ќе претставува банкротот.
Европските лидери не ги сватија сериозно грижите на Грците. За грците постоеја две прашања. Првото прашање како е поверојатно да го постигнат договорот кој ним им одговара. Не преку просјачење, туку преку покажување дека се подготвени да станат и да си заминат – тактика која им е позната на сите кои преговарале во регионот на источниот Медитеран. Второ, како што секој добар преговарач знае, треба да сте навистина подготвени да си заминете, не само да блефирате. Сириза ја водеше кампањата врз идејата дека Грција нема да ја напушти еврозоната, туку дека владата ќе ги употреби гласовите за „не“ на референдумот за да изпреговара подобар договор со лидерите на ЕУ. Како и да е, сите политички кампањи се подложни на геополитичките реалности, а на Сириза мораше на масата да ги има сите опции.
Раководството на ЕУ беше убедено дека Грците блефираат, додека Грците веќе знаеја дека со олку високи влогови не можат да си дозволат да блефирааат. Но, Грците исто така научија, гледајќи ги другите држави, дека иако банкротот че создаде масивна краткорочна криза со ликвидноста на Грција, со валутни контроли и нова валута под директна контрола на грчката влада ќе можат да ја надминат кризата пред да изветрее борбеноста на грчката јавност. Многу држави подобро се справуваат со краткорочни кризи, отколку што функционираат во нормални ситуации. Грците ја одбија италијанската инвазија во октомври 1940 година, а Германците не успеаја целосно да ја окупираат се до мај 1941 година. Не е јасно каква е способноста за сплотување на денешните Грци, но Сириза е спремна целосно да се потпре на неа.
Опциите на Грција во случај на „Грегзит“
Ако Грција се повлече од Европската унија, импактот врз еврото ќе биде тривијален. Има такви кои тврдат дека тоа ќе биде катастрофа за еврото, но ние не гледаме причина за тоа. Она што може да е екстремно опасно е Грција да го напушти еврото и да преживее, ако не и да процвета. Грците во моментов се фиксирани на еврото како на извор на пари и постои уверување дека ако банкротираат ќе бидат истерани од глобалните финансиски пазари. Но не мора да биде така.
Грција има три алтернативни извори на пари. Првиот е Русија. Грците и Русите одржуваат односи кои се протегаат назад најрано до 1970-те години. Тоа беше многу иритирачко за САД и за Европа. И многу реално. Сега Русите бараат опција која би ја употребиле против Европјаните и Американците. Русите минуваат низ тешки времиња, но не толку тешки какви што беа пред неколку месеци, а Грција е стратешка награда. Грците и Русите разговараа, а резултатите од разговорите остануваат нејасни. Самитот на БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка) започна на 6-ти јули, а Грците се присутни како набљудувачи, а можно е и да испреговараат некаква зделка. Јавно Русија тврди дека нема да и даде директни заеми на Грција, но ќе ја искористи кризата за да се стекне со примамливи поседи во Грција и нејзината посветеност кон проектот за гасоводот „Турски тек“. Како и да е, спасувањето на Грција ќе и даде на Русија златна можнопст да забие колец во операциите на НАТО и да се наметне и на други места, освен во Украина. Во Централна Европа преовладува мислењето дека Русија и Грција веќе имаат постигнато разбирање за мерките за спас уште пред неколку месеци, што би можело и да е причината зошто Грците настапија со таква дрскост.
Друг, иако не толку веројатен извор на пари за Грција е Кина и некои од нејзините партнери. Кинезите се обидуваат да се позиционираат како вистинска глобална сила, без да имаат глобална армија и со економија која слабее. Работејќи сами или со други на спасот на Грција не би бил глупав потег од нивна страна, ако се земе дека тоа сдигурно ќе им обезбеди регионално влијание при релативно ниска цена – само неколку десетици милијарди долари. Сепак, тоа доаѓа со политичката цена на создавање непријатели од поголемиот дел на Европската унија, што кинеската помош ја прави малку веројатна.
И конечно, тука се американските хеџ-фондови и фирмите со приватен капитал. Тие се преполни со готовина затоа што европксиот, кинескиот и блискоисточниот капитал бара безбедност и нудат камати блиску до нулата. Многу од нив имаат преземено поголеми ризици од овој. Владата на САД можеби нема да се обиде да ги обесхарбри, затоа што е многу повеќе загрижена од руското или кинеското влијание – и морнарици – во источниот Медитеран.
Со отфрлање на долговите и со преживување на првите неколку месеци по банкротот, Грција може да стане интересна можност за инвестирање. Знаеме од случајот на Аргентина дека, кога една земја банкротира, не се создава ѕид околу неа. Грција има вредност и, без долгот, е високоризична, но атрактивна инвестиција.
Оттаму, европските лидери се притеснија самите себе си во аголот во кој не сакаа да се најдат. Ако го задржат својот став, тогаш ја отвораат вратата за идејата дека има живот по Европската унија, а тоа е идеја која европските лидери не би сакале да се валоризира. Затоа, голема е веројатноста дека европските лидери, откако сватија дека Сириза не е подготвена да се потчини на нивниот диктат, сега ќе испреговараат зделка која Грција ќе може да ја прифати. Но, тогаш тоа ќе се претвори во уште еден преседан кој ЕУ не сакаше да го воспостави.
Зад сето ова, Германците размислуваат за иднината на Европската унија. Тие се помалку загрижени за еврото или за грчкиот долг, отколку за зоната на слободна трговија која впива дел од нивниот масивен извоз. Со контролата на кредитите и банкротот, Грција ќе биде само едно ситно пазарче кое ќе го изгубат. Последното што тие би го сакале е ова да се прошири или Германија да биде присилена да плаќа за привилегијата да го спаси европскиот пазар. Оттаму, од многу причини треба вниманието да се префрли од Грција кон Германија. Таа е во с’ржта на европското раководство и таа ќе го повлече следниот потег – не за доброто на блокот, туку за доброто на Германија, која е притеснета во истиот агол како и остатокот од Европската унија.