28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКоњановски го посети Земјоделскиот факултет во Штип

Коњановски го посети Земјоделскиот факултет во Штип

goce-delcev

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Зоран Коњановски денеска го посети Земјоделскиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и современата лабораторија каде се врши испитување на семенскиот и садниот материјал и на квалитетот на ѓубривата што се увезуваат од странство.

– Разговаравме со деканот на Земјоделскиот факултет за доделување на одредени финансиски средства за современа лабораторија за испитување на квалитетот на млекото, за да имаме три акредитирани лаборатории, една во пелагонискиот, втората во полошкиот и трета во штипскиот регион, изјави Коњановски.

На прашањето дали Владата има стратегија за градење на нови акумулации за водоснабдување и наводнување на земјоделските површини, Коњановски истакна дека веќе имаат стратегија за следните пет години.

– Од оваа година почнуваме со реализација на неколку крупни проекти. Тоа е браната на Оризарска река, инвестиција од околу 30 милиони евра и браната Коњско во Гевгелија, каде што инвестицијата е меѓу 28 и 30 милиони евра. Исто така сме во фаза на времена експропријација за поставување на систем за водоснабдување на Маркова река во Куклиш, со тоа што ќе имаме и вода за наводнување на дополнителни површини, рече Коњановски.

Тој информира дека покрај изградбата на нови акумулации во следните пет години, Владата ќе работи и на реконструкција и санација на постоечките брани.

Деканот на Земјоделскиот факултет Илија Каров е задоволен што Штипскиот универзитет инвестира во лабораторија, која значи развој за земјоделството, имајќи предвид дека се големи количините што се увезуваат за семенски и саден материјал и за вештачки ѓубрива.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП