3 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИСтранска автомобилска компанија се интересира за инвестирање во Македонија

Странска автомобилска компанија се интересира за инвестирање во Македонија

auto-industry

Странска компанија присутна со инвестиција во автомобилската индустрија во Бугарија, наскоро ќе ја посети Македонија со цел да ги разгледа можностите за инвестирање во автомобилскиот сектор.

Претставници на компанијата изнеле такви намери по презентацијата што првиот човек на македонската Дирекција за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо, ја одржа на конференцијата на ЕБРД за развој на автомобилската индустрија во регионот, што се одржа денеска во Софија.

– Kомпанијата  мора да одлучи каде да реинвестира и по презентацијата рекоа дека кај нас е поконкурентно отколку во Бугарија и пројавија интерес да дојдат во Македонија во многу блиска иднина. Воедно, не поканија да ја видиме нивната фабрика во близина на Софија, изјави за МИА Мизо.

Според него, на конференцијата своите позитивни искуства од инвестициите во автомобилскиот сектор во Македонија ги презентирале  директори на „Кемет електроникс“, „Ван хол“ и „Џонсон Мети“.

На презентацијата Мизо укажал на предностите за странските инвеститори.

– Ги нагласив најважните работи. Претходно беше кажано што е најважно за странските  инвеститори, прво е расположливата работна сила и нејзината структура, од аспект на едукација и квалитет, но истовремено и дека има пристап кон таа работна сила што не е можеби случај со некои земји посеверно од нас. Тука ја истакнав и конкурентноста поврзана со она што го нудиме во ТИРЗ од аспект на целосна опременост на инфраструктурата, даночни поволности и општо условите со кои според „Дуинг бизнис“ Македонија е многу подобро рангирана од сите овие земји во регионот, рече Мизо.

Учесниците на конференцијата, над 50 претставници од компании од автомобилската индустрија од Бугарија, Романија, Србија, Македонија и експерти од областа од Германија и Велика Британија, како и поранешниот директор на Џонсон Контролс во Бугарија, дебатираа за искуствата, потенцијалите и предизвиците на автомобилскиот сектор во регионот.

На конференцијата беше истакнато дека по минатогодишното намалување на производството на автомобили во Европа за над 8 проценти и оваа година исто така ќе има мало намалување, но дека идната година на повидок е стабилизација и мал раст.  Според изнесеното на конференцијата, во Северна Америка и во Кина има многу позитивен развој на автомобилската индустрија, но и дека во овие услови на зголемена конкурентност и опаѓање на продажбите е многу важно заедничките компоненти да се позиционираат на места каде што конкурентно ќе можат да ги задоволат барањата на крајните произведувачи на автомобили. И затоа нашиот регион беше истакнат како многу компетитивен и конкурентен, изјави Мизо.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП