28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКоњановски: Лабораторијата во Штип е за напредок на македонското земјоделство

Коњановски: Лабораторијата во Штип е за напредок на македонското земјоделство

konjanovski-zoran

Лабораторијата за испитување на семенскиот и садниот материјал и за квалитетот на ѓубривата на Земјоделскиот факултет во Штип ќе му помогне на македонското земјоделство да стане уште помодерно и посовремено, оцени заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски.

При денешната посета на Земјоделскиот факултет во Штип, заменик-министерот изјави дека факултетот има акредитирано 12 методи за испитување на саден семенски материјал и за квалитет на ѓубрива.

– Не можеме да говориме за современо земјоделство доколку нема заедничка спрега меѓу земјоделците, нашите стручни служби и науката и факултетите. Можам да констатирам дека Македонија ќе има напредок во земјоделието со уште позасилено темпо. Земјоделскиот факултет во Штип има акредитирано 12 методи за испитување на саден семенски материјал, квалитет на ѓубрива. Впрочем сите активности што ги направивме за сузбивање на лошиот квалитет на вештачките ѓубрива, ги направивме во соработка со Земјоделскиот факултет во Штип, истакна Коњановски.

Информираше дека со деканот на факултетот е разговарано и за доделување финансиски средства за современа лабораторија за испитување на квалитетот на млекото и во штипскиот регион. Со тоа, во Македонија би имале три акредитирани лаборатории, едната во во пелагонискиот, втората во полошкиот и трета во штипскиот регион.

Прашан дали Владата има стратегија за градење на нови акумулации за водоснабдување и наводнување на земјоделските површини, Коњановски истакна дека веќе имаат стратегија за следните пет години.

– Од оваа година почнуваме со реализација на неколку крупни проекти. Тоа е браната на Оризарска  река, инвестиција од околу 30 милиони евра и браната Коњско во Гевгелија, каде што инвестицијата е меѓу 28 и 30 милиони евра. Исто така сме во фаза на времена експропријација за поставување на систем за водоснадување на Маркова река во Куклиш, со тоа што ќе имаме и вода за наводнување на дополнителни површини, рече Коњановски.

Тој информира дека покрај изградбата на нови акумулации во следните пет години, Владата ќе работи и на реконструкција и санација на постоечките брани.

Деканот на Земјоделскиот факултет Илија Каров е задоволен што Штипскиот универзитет инвестира во лабораторија, која значи развој за земјоделството, имајќи предвид дека се големи количините што се увезуваат за семенски и саден материјал и за вештачки ѓубрива. 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП