Кошаркарите на Кливленд се пласираа во финалето во Источната конференција во НБА лигата. Кливленд полуфиналната серија со Чикаго ја доби со 4-2, откако во шестиот меч како гостин славеше убедливо со 94:73. На Западот, шестиот меч од серијата помеѓу ЛА Клиперс и Хјустон му припадна на тимот од Тексас кој израмни во серијата на 3-3.
Кливленд успеа да се пласира во финалето на Истокот со 4-2, иако по третиот меч губеше со 1-2, во продолжение на серијата Кавалирс „врзаа“ три победи од кои две на теренот на противникот. Кливленд прв пат по 2009-та година ќе игра во конференциското финале.
Мечот во „Јунајтед Центар“ во Чикаго го реши брилијантната игра која во одбраната ја демонстрираа Леброн Џејмс и соиграчите. Тие на Чикаго му дозовлија да шутира од поле со само 37 отсто успешност, а згора на тоа имаа доминација во скокот (53-32).
Џејмс го предводеше Кливленд со 15 поени, 11 асистенции и 9 скока, Тринстан Томпсон имаше учинок од 13 поени и 19 скокови, но клучниот човек за триумфот беше Метју Делаведова. Австралиецот кој е резервен плејмејкер го одигра најдобриот меч оваа сезона и со 19 поени беше најпрецизниот играч на Кливленд.
Во тимот на Чикаго потфрлија сите играчи, а само Џими Батлер и Дерик Роуз постигнаа двоцифрен број на поени, но со лош процент на реализација. Батлер постигна 20 поени (8/22 шут од поле), а Роуз уфрли 14 поени (7/16 од поле).
Кливленд во финалето на Истокот ќе игра против победникот од серијата помеѓу Атланта и Вашингтон, во која тимот од Џорџија води со 3-2.
Хјустон кој по четвртиот меч беше на работ на елиминација успеа да избори „мајсторка“ против ЛА Клиперс која ќе ја игра на домашен терен. „Ракетите“ буквално полетаа во последната четвртина која направија спектакуларен пресврт и негативата од 19 поени ја претворија во водство. Хјустон во последната четвртина постигна седум тројки, а натпреварот го доби со 119:107.
Пресвртот е уште поспектакуларен бидејќи Хјустон до него стигна без својот најдобар играч Џејмс Харден. Победата на Хјустон ја режираа Џош Смит и Кори Бруер, иако Харден со 23 поени беше најефикасен во својот тим. Смит постигна 19 поени (4/7 за три), а Бруер имаше двоен ефект од 19 поени и 10 асистенции.
Вообичаено кај Клиперси најдобри беа Крис Пол (31 поен, 11 асистенции, 7 скока) и Блејк Грифин (28 поени, 8 скока).
Седмиот натпревар од оваа серија по која ќе биде познат еден од финалистите на Западот ќе се одигра в недела во Хјустон.