26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБарања за задолжителната котација ќе се поднесуваат до 30 април

Барања за задолжителната котација ќе се поднесуваат до 30 април

kotacii-berza

Комапниите што ги исполнуваат условите за задолжителна котација на Берзата, треба најдоцна до 30 април годинава да поднесат барање за котација, заедно со соодветната документација.

Како што информира Берзата, барањето и документацијата за котација се поднесува преку покровител за котација  – членка на Берзата. Берзата го разгледува барањето за котација и поднесената документација и донесува одлука во рок од 60 дена од денот на приемот, односно комплетирањето на барањето.

Издавачите чии хартии од вредност во наредниот период ќе котираат на подсегментот „Задолжителна котација” ќе имаат континуирана обврска за објавување на нивните квартални биланси на успех, полугодишно објавување на сите финансиски извештаи, јавен повик за одржување на собрание на акционери, одлуки од собрание на акционери, годишен извештај за работењето, како и обелоденување на сите останати ценовно чувствителни информации, утврдени во Правилата за котација, значајни за донесувањето одлуки од страна на инвеститорите.

Покрај воведувањето на пазарниот подсегмент „Задолжителна котација“, со новите Правила за котација на Берзата се менуваат и критериумите за котација на постојниот подсегмент „Берзанска котација“ (условот номинален капитал од 500.000 евра се зголемува на 5 милиони евра, а процентот на распространетост на акциите во јавноста се намалува од 15 отсто на 10 отсто), а се воведува и уште еден нов пазарен подсегмент – „Котација на мали акционерски друштва“.

Покрај задолжителната котација, се воведува и нов пазар на мали акционерски друштва на Берзата кој е наменет за новоформирани акционерски друштва или за помали друштва чии развојни планови предвидуваат финансирање преку пазарот на капитал. Котацијата на овој пазарен подсегмент на овие друштва ќе им  овозможи соодветно претставување пред инвеститорската јавност и стекнување имиџ на котирана компанија. Услови за котација на овој подсегмент се ревидирани финансиски извештаи за последната година и најмалку 250.000 евра номинален капитал, без критериуми за минимален број акционери и распространетост на акциите во јавноста.

Согласно измените и дополнувањата на Законот за хартии од вредност од 23 јануари 2013 година, се воведе обврска за задолжителна котација на хартиите од вредност на издавачите кои не котираат на Берза, а кои ги исполнуваат посебните услови за котација од Правилата за котација на Берзата. Одборот на директори на  25 февруари 2013 година донесе нови Правила за котација, за кои на 11 март 2013 година е добиена согласност од Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија и стапуваат во сила на 15 март 2013 година.

Според новите правила, задолжително ќе котираат компании кои со состојба на 31 декември имале номинален капитал во износ од најмалку 1.000.000 евра, најмалку 50 акционери, најмалку еден отсто распространетост на акциите во јавноста и ревидирани финансиски извештаи за последните две години.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП