5 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАНовиот македонски филм „Медена ноќ“ на Иво Трајков на отворањето на Скопскиот...

Новиот македонски филм „Медена ноќ“ на Иво Трајков на отворањето на Скопскиот филмски фестивал

medena-noc

Скопски филмски фестивал ќе биде отворен во сабота вечер со премиерата на новиот македонски филм „Медена ноќ“ на Иво Трајков, кој е направен во копродукција со Словенија и Чешка.

Со режисерот, со главните актери Никола Ристановски и Верица Недеска, како и целата екипа, во која има уште триесеттина македонски актери, публиката ќе може да се сретне на премиерата и на прес-конференцијата која ќе се одржи во сабота на 18 април 2015.

Филмовите се  распоредени во десетина програми, па така освен Главната чиј селектор е Сунчица Уневска, тука е и програмата на авторски филм чиј селектор е Татјана Јаневска, како и новововедената Програма на хорор филмови, која ја селектираше Владан Петковиќ од Србија.

И годинава има кратки играни и анимирани филмови, има почесна програма посветена на гостинот, потоа тука е Програмата на светски филм, како и Студентската програма.

Освен филмот на Трајков, на отворањето премиерно ќе бидат прикажани и три филма од регионот кои се направени во копродукција со Македонија. Тоа се бугарскиот „Пресуда“ на Стефан Командарев, во кој игра Мики Манојловиќ, потоа словенечкиот „Инферно“ на Винко Модерндорфер, и двете социјални приказни. А третиот е хрватскиот „Такви се правилата“ на Огњен Свиличиќ, во кој копродуцент е Светозар Ристовски.

Огњен Свиличиќ е и гостин на фестивалот, кој ќе одржи работилница под наслов „Патувањето на херојот“. Инаку, „Такви се правилата“ е филм кој е направен по вистинска приказна за смртта на еден тинејџер во Хрватска. Премиерата на филмот беше во програмата „Недела на критиката“ во Венеција, каде што награда за главна машка улога му беше доделена на Емир Хаџихафизбеговиќ.

Во главната програма го има годинешниот добитник на „Златна мечка“, иранскиот филм „Такси“ на Џафар Панахи, кој сè уште ја одлежува својата 20 годишна затворска казна. Потоа носиме уште три филма од Берлин кои се закитија со награди, мексиканското деби на Габриел Рипштајн во чиј филм „600 милји“ игра Тим Рот, потоа полскиот „Тело“ на Малгоржата Шумовска, кој ја доби „Сребрената мечка“ за режија, како и германското деби „Викторија“ на Себастијан Шипер, кој доби награда за уметнички придонес во поглед на употребата на камерата.

Од Берлин ни доаѓа и германско-австралискиот филм „Еликсир“ посветен на бунтовните уметници, во кој игра македонската актерка Наташа Петровиќ.

Во оваа програма е и израелскиот „Судењето на Вивијан Амсалем“, потоа „Возвишен“ на Клаудија Љоса, неверојатна приказна за границите на љубовта кон своето дете, како и филмот „Турист“ на Рубен Остлунд, кој, пак, си поигрува со границите на  љубовта на човекот кон неговите најблиски, но и инстинктот за преживување. Од Кан доаѓа најубавиот филм од минатата година, „Тимбукту“ на Абдераман Сисако, кој донесе вистинска поезија на екранот.

Од Програмата на светски филм го издвојуваме францускиот трилер на Андре Тешине „Човекот што премногу љубеше“, унгарскиот „Белиот бог“ на Корнел Мундрузо и данскиот „Тивко срце“ на ветеранот Били Август.

Во програмата на авторски филм се и новиот филм на Абел Ферара, Гај Маден, Џесика Хауснер, како и „Диви приказни“ на Дамијан Шифрон.

Специјален гостин на фестивалот е големиот ирански режисер Мохсен Макмалбаф, најзначајна фигура во иранската кинематографија, кој е и предводник на новиот бран и еден од највлијателните светски филмски режисери на денешнината.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП