23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈапонски грантови за четири проекти во Македонија

Јапонски грантови за четири проекти во Македонија

japan-grant

Во Јапонската канцеларија за врски во Скопје денеска беа потпишани четири договори за грантови за Програмата за поддршка на мали проекти при Владата на Јапонија во вкупна вредност од близу 226.000 евра, од кои бенефит ќе имаат четири општини во Република Македонија.

Станува збор за проект за подобрување на системот за греење во ОУ „Магдалена Антова“ во општина Куманово, проект за реновирање на прозорци, врати и тоалети во градинката „Пролет“ во скопската општина Карпош, проект за унапредување на околината во општина Демир Капија и проект за набавка на возило за смет за општина Кочани.

Потпис на договорите ставија градоначалниците на општините Карпош, Демир Капија и Кочани, Стевчо Јакимовски, Трајче Димитриев и Ратко Димитровски и директорот на ОУ „Магдалена Антова“ Живко Стојковски. Стартот на проектите ќе биде означен по потпишување на договорите од амбасадорот на Јапонија во Виена надлежен и за Македонија, Шигео Иватани.

На церемонијата на потпишување на грант-договорите во името на Јапонската амбасада во Виена се обрати јапонскиот дипломат Наојоши Јонејама, кој подвлече дека очекува сите четири проекти директно да придонесат за подобрување на условите за живот на населението во овие региони.

– Во процесот на селекција ги земавме предвид напорите за унапредување на етничките заедници. Се надевам дека овие проекти ќе донесат корист за сите етнички заедници во Македонија подеднакво, рече Јонејама.

ОУ „Магдалена Антова“ во кое учат околу 700 ученици се уште се загрева на печки на дрво. Градинката „Пролет“ не е реновирана од 1977 година. Општина Демир Капија досега располагаше со само едно возило за собирање смет, а со средствата од проектот покрај ново возило за смет со капацитет од близу девет метри кубни, ќе добие и 15 контејнери што ќе бидат поставени во околните села. И општина Кочани исто така средствата од грантот ќе ги искористи за набавка на возило за смет кое ќе може да пристапи во потешко пристапните населени места во општината.

Грант-помошта за мали проекти Владата на Јапонија ја воведе во 1989 година за поддршка на социоекономски проекти во земјите во развој. Во Македонија, овој вид помош почна да се доделува во 1996 година и досега се помогнати преку 90 проекти со вкупна финансиска помош од 4,85 милиони евра.

Потпишувањето на грантовите за помош се случи точно на двегодишнината од катастрофалниот земјотрес и цунамито во Јапонија во кои загинаа околу 16.000 лица, 2.700 се водат како исчезнати, а беше предизвикана голема матреијална штета.

Присутните не денешното потпишување со едноминутно молчење им одадоа почит на жртвите од оваа голема природна катастрофа во Јапонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП