3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКлучна средба на Самарас со „тројката“ кредитори

Клучна средба на Самарас со „тројката“ кредитори

grcijapropust

Грчкиот премиер Антонис Самарас денеска попладне ќе се сретне со претставниците на меѓународните кредитори на Грција, познати како „тројка“, во обид да постигнат консензус за повеќе структурни реформи, вклучувајќи ја и долго одложуваната рационализација на државната администрација.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, постигнувањето консезус е предуслов за отпуштање на следната рата од заемот за спас на Грција во вредност од 2,8 милијарди евра, пред Самарас и министерот за финансии Јанис Стурнарас да заминат за Брисел каде во четврток почнува самитот на ЕУ.

Денешната средба доаѓа откако претставниците на „тројката“ вчера разговараа со грчки владини претставници за теми околу кои не се согласуваат, вклучувајќи ги и плановите за плаќање за компаниите и поединците кои имаат долгови по основ на социјално осигурување и за данокот на имот кој во 2011 година беше воведен како итен, но за кој „тројката“, наводно врши притисок да се продолжи за да се покрие дупката во приходите.

Се очекува на денешната средба да се разговара и за слабата наплата на даноци, само еден ден откако Стурнарас најави дека ќе бидат вработени дополнителни 4.000 даночни инспектори за да се интензивира собирањето данок.

Едно од најважните прашања за кои ќе се дискутира на средбата меѓу Самарас и „тројката“ е државната администрација. „Тројката“, наводно, изразила задоволство од почетните планови за рационализација на министерствата што им ги претставил министерот за административна реформа Андонис Манитакис. Според добро упатени извори, плановите  вклучуваат месечна анализа на напредокот на т.н. шема за мобилност со која до крајот на годината треба да бидат префрлени 25.000 државни службеници. Се очекува „тројката“ да го оцени напредокот на шемата на почетокот од јуни, до кога 12.500 вработени во јавниот сектор треба да бидат интегрирани во проектот.

Проценката на вработените во министерствата треба да биде завршена во наредните денови. Под лупа се повеќе од 1.300 вработени во јавниот сектор, кои го прекршиле кодексот на однесување или добиле работа со фалсификувани документи. Доколку има отпуштања во државнат служба, тие ќе бидат први што ќе си заминат.

Се претпоставува дека отпуштања во државната администрација нема да има до следната година, но се очекува ова да биде разјаснето на денешната средба на Самарас со „тројката“. Планираните спојувања и укинувања на околу 700 државни институции, кои се очекуваат до крајот на април, ќе принудат околу 13.000 државни службеници да станат дел од шемата за мобилност.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП