3 јули, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрција бара пари и пред договорот за реформите, еврозоната против

Грција бара пари и пред договорот за реформите, еврозоната против

greece-still-hasnt-finalized-the-list-of-reforms-it-needs-to-unlock-more-bailout-money

Грција од своите доверители во текот на телеконференцијата во четвртокот побарала да ѝ се одобри исплатата на преостанатите кредити пред постигнувањето на договорот за реформите, предупредувајќи дека уште на 9-ти април може да остане без пари, меѓутоа барањето е одбиено, велат извори од еврозоната.

Претставниците на Атина ова го побарале во текот на споменатата телеконференција на експертите од министерствата за финансии од земјите членки на еврозоната на којашто било разговарано за тоа колку Грција уште е далеку од исполнувањето на условите за деблокирање на новата финансиска помош.

Барањето е во согласност со изјавата од средата на грчкиот министер за внатрешни работи Никос Витцис кој во средата за германскиот весник Der Spiegel дури се закани дека неговата земја ќе мора да избира дали ќе ги врати 460-те милиони евра долг кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) до 9-ти април, но дека прво ќе ги исплати платите и пензиите.

Портпаролот на грчката влада во четвртокот негираше дека Грција нема да успее да ги врати споменатите средства во ММФ навреме Меѓутоа, изборот со кој се соочува Атина е повторен и на затворената телеконференција, велат за Reuters европски извори.

Грција може да ја добие траншата од 7,2 милијарди евра од новите кредити од еврозоната и ММФ, доколку ги спроведе реформите кои ги договори претходната конзервативна влада. Меѓутоа, новата влада предводена од радикалната левица повеќето од тие мерки ги отфрлеа, бидејќи се во спротивност со нејзините предизборни ветувања дека ќе ја прекине политиката на буџетска консолидација, што подразбира жестоко штедење и оти ќе испреговара нов договор со доверителите. Во моментов преговара за новиот список мерки коишто треба да ги задоволат и двете страни.

Грчки претставник рекол дека во текот на телеконференцијата дека договорот за реформите не би смеел да биде „пост мортем“,за земјата, бидејќи „никако не можат повеќе по 9-то април“, велат изворите од еврозоната. Додал дека блокадата на новите кредити додека не биде постигнат договор е нереална.

Меѓутоа, другите учесници на конференцијата, вклучително и претставниците на Германија, повториле дека Атина, доколку сака да ги добие преостанатите пари од меѓународната програма за помош, мора да се согласи на реформи и да ги спроведе, како и дека нема никакви шанси тие средства да бидат деблокирани до 9-ти април.

Функционери од еврозоната рекле дека Грција може да ја одржува ликвидноста користејќи ги парите од фондовите на разните владини тела и државни компании, па дури ако за тоа е потребно да се изменат законите. Но Грција повторила дека тоа не би било доволно да ги покрие и исплатата на долгот кон ММФ и на платите и на пензиите.

Општата констатација на различните извори за медиумите е дека ништо не е договорено за тоа што би се случило доколку договорот за реформите не биде постигнат до 9-ти април и преговорите продолжат. Новиот список со реформи, исто така, се констатира дека е далеку од задоволувачки.

Грција претходно во средата предала детален список со планираните реформи пред институциите кои ги претставуваат нејзините доверители, Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд. Но, списокот уште не е довршен и е далеку од задоволувачки, брифираат претставниците на споменатите институции.

Грчката влада ги проценува своите финансиски потреби за 2015 година на 19 милијарди евра. Во април мора да врати повеќе од 3 милијарди евра, вклучително и 460-те милиони евра на ММФ, и вкупно речиси 16 милијарди евра во текот на следните четири месеци за откуп на трезорските записи кои доспеваат за наплата и за отплата на кредитите на ECB и ММФ. Со приватизацијата планира да собере 1,5 милијарди евра, наспроти претходно планираните 4 милијарди евра, а со повисоките даноци меѓу 4,6 и 6,1 милијарди евра. Атина планира и зголемување на потрошувачката за 1,1 милијарда евра, повеќето за пензии.

Грчкото министерство за финансии очекува дека грчката економија оваа година ќе расте а 1,4 отсто, додека претходно предвидуваше раст од 2,9 отсто, а за следната 2016 година предвидува раст од 3,7 отсто од бруто домашниот производ (БДП). Примарниот суфицит за годинава е проектиран на 1,2, отсто, пишува EUobserver.

Функционери од еврозоната велат дека некои од мерките во новиот план, како што се социјалните, се движат кон вистинската насока, додека другите уште не се јасни, ниту се наведува процената на нивните вредности. Некои, пак, како некои од даночните мерки, мерките коишто се однесуваат на пазарот на трудот, во ратите и чекорите за ограничување на автономијата на даночната управа, се во очигледна спротиставеност со претходно договорените цели, а процените на ефектите од фискалната реформа се далеку преоптимистични.

Европските функционери велат, исто така, дека и покрај тоа што претставниците на доверителите се наоѓаат во Атина веќе три седмици, ефективно работата само послендите четири дена, а со тој ритам не е возможно да се постигне договор до крајот на април, Претставниците на доверителите тешко доаѓаат до информации за намерите на грчката влада, бидејќи грчките функционери понекогаш не се запознаени со плановите или за нив не смеат да зборуваат.

Експертите од министерствата за финансии на еврозоната и институциите коишто ги претставуваат доверителите новата дебата за Грција ќе ја одржат на 8-ми април, но малку е веројатно до тогаш би можело да биде постигнат договор, сметаат во Брисел.

Целата е договорот за реформите, вклучително и нивното влијание врз буџетот на Грција, да биде постигнат до седмицата во којашто се одржува следниот состанок на министрите за финансии од еврозоната, односно 24-ти април во Рига.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП